ДВЕ НЕДЕЛИ РАБОТА, ДВЕ НЕДЕЛИ СТУДИРАЊЕ – ИСКУСТВО УШТЕ ПРЕД ДИПЛОМАТА
Актуелно

ДВЕ НЕДЕЛИ РАБОТА, ДВЕ НЕДЕЛИ СТУДИРАЊЕ – ИСКУСТВО УШТЕ ПРЕД ДИПЛОМАТА

30. 09. 2026.

Дарко Велков на чело на Бизнис советот на Хајделберг факултет Скопје

Практично искуство, можност за заработка за време на студирањето и поврзување со компании уште од првата година – ова се дел од целите на Бизнис советот на Хајделберг факултет Скопје, чиј претседател е Дарко Велков.

Советот е формиран со цел да ја зајакне соработката меѓу факултетот и бизнис-секторот и да им овозможи на студентите да стекнуваат знаења и вештини што одговараат на реалните потреби на компаниите.

Меѓу вклучените компании се Порше, Нелт, Триглав,ЕкоФлуид, „Кромберг и Шуберт“, Халкбанк, „Еуроактива“, ЕОС, „Минт Финтек Груп“, ЕРИ, „Сава пензиско“, „Филигран“, Стопанска банка АД – Скопје, „Костал“, „Реплек“, „Семос Клауд Солушнс“,„НЛБ Фондови“. Нивното учество отвора можности студентите да стекнуваат практично искуство во различни индустрии и да се поврзат со потенцијални работодавачи уште за време на студирањето.

Велков во своето обраќање истакна дека ја прифатил функцијата за да придонесе кон создавање подобри можности за младите, нагласувајќи дека неговото учество во Советот ќе биде волонтерско.

„Секогаш велиме дека студентите се најголемиот ресурс и дека мораме нешто да преземеме сите. Времето за реакција дојде“, порача Велков.

Во фокусот е дуалното образование, кое ги поврзува студирањето и работата. Според моделот што го претстави Велков, студентите имаат можност две недели да работат, а две недели да студираат, стекнувајќи практично искуство и приходи со кои ќе можат да го поддржат своето образование.

„Мојот личен сон е студентите да имаат можност своето прво работно искуство да биде во сериозна компанија, да учат од вистински ментори и вистински индустрии со последна технологија“, истакна тој.

Компаниите вклучени во Бизнис советот ќе можат да се поврзат со студентите уште од првата година, да учествуваат во нивниот професионален развој и да даваат предлози за наставната програма. На тој начин, работодавачите ќе придонесуваат во создавањето кадри со знаења применливи во работната средина.

Велков нагласи дека приклучувањето кон Советот не подразбира финансиски обврски за компаниите и не ја ограничува нивната соработка со други факултети. Членките ќе имаат предност при изборот на студенти со кои би воспоставиле соработка.

Поддршка во уредувањето на работниот ангажман на студентите ќе може да обезбеди и агенцијата Вработување HR Solutions, додека порталот Вработување.мк ќе ја промовира поддршката што компаниите ја даваат на младите.

Долгорочната цел е студентите да изградат професионални врски во Македонија уште за време на студирањето, а по дипломирањето да имаат повеќе можности да ја продолжат кариерата во домашните компании.

„Заедно, можеме да создадеме мрежа на компании кои не само што ќе вработуваат, туку и ќе инвестираат во иднината на нашите млади“, порача претседателот на Бизнис советот.