Под влијание на циклонска активност, времето во Македонија ќе биде променливо облачно и нестабилно, со повремени локални врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), локално се очекуваат врнежи над 20 литри на квадратен метар, а можна е и појава на ретки грмежи.
Нестабилно време со повремени врнежи се очекува и во Скопје, каде што ќе има услови за локални поројни дождови.
Во понеделник силен ветер и пад на температурите
На почетокот на следната недела ќе навлезе постудена воздушна маса од север, која ќе донесе почувствително намалување на дневните температури.
Во понеделник се очекува умерен до засилен северен ветер, кој на одредени места ќе достигнува брзина до 60 километри на час.
Во вторник можен снег на повисоките планини
Најизразено заладување се најавува за вторник, кога во пониските предели ќе има услови за дожд, додека на дел од повисоките планини врнежите би можеле да преминат во снег.
Пониските температури и ветерот ќе придонесат за постудено време во поголем дел од земјата.
Од средината на неделата следува стабилизација
Според прогнозата, од средината на следната седмица се очекува постепено подобрување на временските услови.
Врнежите ќе се намалуваат, а ќе има и повеќе сончеви периоди со умерена облачност.
Граѓаните во понеделник и вторник треба да бидат подготвени за посвежо време, дожд и засилен ветер, додека подобрување се очекува во втората половина од неделата.
