УКИМ ги подготвува студентите за работните места на иднината, но дали Македонија има место за нив?
Актуелно

УКИМ ги подготвува студентите за работните места на иднината, но дали Македонија има место за нив?

07. 10. 2026.

УКИМ сè повеќе ги насочува студиските програми кон потребите на современиот пазар на труд, но останува прашањето дали домашниот пазар има доволно можности за сите дипломци.

На факултетите се зголемуваат практичната работа, соработката со компании и вклучувањето на студентите во реални проекти. Целта е младите покрај теоретско знаење да стекнат и практични, дигитални и комуникациски вештини потребни за работа.

Од работодавците, сепак, посочуваат дека кај дел од дипломците недостига практично искуство и способност за решавање реални проблеми. Особено се забележува несогласување меѓу знаењата и вештините што ги стекнуваат младите и она што компаниите можат веднаш да го применат.

Дел од факултетите веќе ги приспособуваат програмите кон потребите на индустријата. На Технолошко-металуршкиот факултет, на пример, се воведуваат нови студии поврзани со дигиталното металуршко инженерство, а се подготвуваат и програми со содржини од автоматизација, дигитализација, вештачка интелигенција, зелени технологии и циркуларна економија.

Но, и покрај напорите за усогласување со пазарот, за дел од дипломците најдобрите можности се надвор од земјата. Од ПМФ посочуваат дека кај одредени атрактивни насоки домашниот пазар не може да ги апсорбира сите кадри, па дел од нив ги продолжуваат студиите и кариерата во странство.

Работодавците очекуваат идниот кадар да има стручност, дигитални компетенции, способност за решавање проблеми, комуникациски вештини и подготвеност за постојано учење. Истовремено, се нагласува дека практикантството треба да биде реална подготовка за работа, а не само формална обврска.

Според соговорниците, задржувањето на младите во земјата не зависи само од образованието, туку и од условите за работа, можностите за професионален развој и перспективата за градење кариера.

Така, додека УКИМ се обидува да создаде кадри подготвени за идните професии, останува клучното прашање: ќе има ли Македонија доволно можности за тие знаења да се применат и развиваат дома?