Според метеорологот Славчо Попоски, времето во најголем дел ќе биде стабилно, суво и сончево, а температурите насекаде ќе надминуваат 33 степени.
Најтопло ќе биде во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточните делови од земјава, каде што температурите се очекува да се искачат над 40 степени.
Пораст ќе има и кај ноќните температури. Во најтоплите региони се очекуваат тропски ноќи, што значи дека температурата ниту во текот на ноќта нема да се спушта под 20 степени. Поради тоа, ноќите ќе бидат многу топли и спарни.
Промена е можна во сабота, 22 август, кога во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени места, особено во планинските предели, можно е краткотрајно невреме со град и силен ветер.
Поради екстремно високите температури, препораката е граѓаните да избегнуваат непотребно изложување на сонце во најтоплиот период од денот, од 11 до 17 часот, и да внесуваат доволно течности.
