Издавате соби, педалинки или продавате сувенири во Охрид? Еве кои даночни обврски треба да ги исполните
Актуелно

Издавате соби, педалинки или продавате сувенири во Охрид? Еве кои даночни обврски треба да ги исполните

19. 08. 2026.

Во насока на поголема информираност и усогласеност со даночните прописи во туристичкиот сектор, Управата за јавни приходи во Охрид на 19 август 2026 година организираше информативно-работна средба со издавачи на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители и други претставници на туристичкиот сектор.

Средбата ја реализираше стручен тим на Управата за јавни приходи во соработка со Општина Охрид, со цел туристичките работници навремено да се информираат за своите права и обврски и да се поттикне законското и даночно усогласено работење.

Во фокусот биле обврските поврзани со пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и пријавувањето доход од дејности од времен карактер.

Пред присутните била претставена и кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која УЈП потсетува дека секој што остварува приход од издавање сместувачки капацитети има обврска навремено да го пријави доходот и да го плати утврдениот данок на личен доход.

Обврската се однесува на сите лица кои издаваат апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки објекти, без разлика дали станува збор за долгорочно издавање или само за неколку дена во месецот. Истото важи и без оглед на начинот на плаќање или потеклото на гостите – домашни или странски, без разлика дали плаќањето се врши во готовина, преку трансакциска сметка или преку платформи како Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други.

На средбата бил објаснет и процесот за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и начинот на пресметување на данокот на личен доход. Данокот се пресметува на бруто остварениот доход, намален за признатите трошоци, при што висината на признатите трошоци зависи од тоа дали недвижноста се издава неопремена или опремена со мебел.

Посебно внимание било посветено и на лицата кои се ангажираат за време на туристичката сезона – готвачи, бармени, собари, рецепционери, работници за чистење и одржување, како и лица ангажирани за други сезонски работни задачи.

Од УЈП било посочено дека кога работодавачите ангажираат физички лица за сезонска или повремена работа во траење до 180 дена во една календарска година, ангажманот треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. За регулирање на данокот на личен доход и придонесите за задолжително социјално осигурување, работодавачите треба преку своите профили на системот е-Даночни услуги да обезбедат е-ПДД пресметка за данокот и МПИН пресметка за придонесите.

Биле опфатени и таканаречените дејности од времен карактер, кои се особено актуелни во летната сезона. Во оваа категорија спаѓаат, меѓу другото, изнајмувањето кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за водна рекреација, но и продажбата на ракотворби, сувенири, накит и уметнички предмети.

Физичките лица кои вршат дејност од времен карактер имаат обврска да го пријават остварениот доход и да го платат соодветниот данок на личен доход. Пред започнување на дејноста, потребно е да се поднесе Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход – Образец ДЛД-П, до надлежната организациона единица на Управата за јавни приходи.

Средбата овозможила туристичките работници директно да постават прашања и да добијат одговори за конкретни ситуации со кои се среќаваат во секојдневното работење. Преку размена на искуства и отворена дискусија, целта била даночните обврски да станат појасни и полесни за исполнување.

Од УЈП нагласуваат дека ваквите активности првенствено имаат цел навремено да ги информираат и поддржат граѓаните во исполнувањето на нивните законски обврски и во воспоставувањето даночно усогласено работење.

Пријавувањето на приходите и редовното плаќање на даноците, како што беше посочено на средбата, придонесуваат за еднакви услови за сите туристички работници, намалување на сивата економија и спречување на нелојалната конкуренција. Воедно, редовното исполнување на даночните обврски е значајно и за развојот на туристичките дестинации, бидејќи даночните приходи се користат за подобрување на јавните услуги, инфраструктурата и локалниот развој.

Заедничката активност на Управата за јавни приходи и Општина Охрид е насочена кон создавање поуреден, одговорен и поконкурентен туристички сектор, во кој почитувањето на законските обврски претставува основа за фер услови за работа и одржлив развој на туризмот.

Пораката од средбата е јасна: фер и успешен туризам се гради со информирани туристички работници, почитување на законските обврски и еднакви правила за сите.

Фер туризам започнува со пријавен доход.