Овие промени се дел од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, кој веќе се наоѓа во собраниска процедура. Со него се предвидува дигитализација на голем дел од административните процеси, воведување нови регистри, повисоки надоместоци во одредени постапки и нов систем на одговорност за службениците и членовите на комисиите.
Една од клучните новини е формирањето електронски регистар за лиценци издадени на ноќни барови, кабареа, дискоклубови и дискотеки на отворен простор. Регистарот ќе биде под надлежност на Министерството за економија и труд и ќе ги содржи сите важечки лиценци во земјата.
Воедно, се предвидува поедноставување на постапката за добивање лиценца. Надлежниот министер ќе има обврска да одлучи по поднесеното барање во рок од 30 дена, а лиценцата ќе се издава веднаш по донесувањето на решението.
Значајни измени се воведуваат и кај приватните сместувачки капацитети. Категоризацијата на апартмани, соби, станови и викенд-куќи ќе ја вршат тричлени комисии формирани од градоначалниците. Добиеното решение ќе има важност од три години, а локалните власти ќе водат евиденција за категоризираните објекти и редовно ќе доставуваат извештаи до ресорното министерство.
Со ова, институциите имаат цел да создадат единствена база на податоци за сите приватни сместувачки капацитети во државата.
Новина е и тоа што трошоците за категоризација ќе ги сносат самите издавачи на сместување. Висината на надоместокот ќе ја утврдува секоја општина поединечно.
Законот предвидува и значителна дигитализација на услугите. Барањата за регистрација, лиценцирање и пријавување исполнетост на условите ќе можат да се поднесуваат електронски преку Националниот портал за електронски услуги. Истовремено, институциите ќе можат да издаваат решенија и други документи во дигитална форма, а и жалбените постапки ќе се водат онлајн.
На тој начин, граѓаните и компаниите ќе бидат ослободени од обврската самостојно да обезбедуваат дел од потребната документација, бидејќи институциите ќе ги разменуваат податоците по службен пат.
Предложените измени носат и финансиски корекции. Одредени надоместоци предвидени со законот ќе бидат зголемени двојно, па наместо досегашните износи од 100 до 500 евра, ќе се применуваат нови суми кои се движат од 200 до 1.000 евра.
Во делот на одговорноста, се воведуваат и санкции за службени лица и членови на комисии кои нема да ги почитуваат законските рокови или ќе постапуваат несовесно. За доцнење во постапките се предвидуваат парични казни од 25 до 50 евра, додека за неправилности при категоризацијата членовите на комисиите може да бидат казнети со 150 евра. Повисоки казни, од 300 до 500 евра, се предвидени за одговорни лица кои нема навремено да ги доставуваат решенијата до барателите.
Од Владата оценуваат дека измените ќе придонесат за поефикасни административни услуги, намалување на бирократските процедури и поголема транспарентност во работењето на институциите. Дополнително, исполнувањето на овие реформи е поврзано со користење средства од европскиот Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.
Субјектите опфатени со новите правила ќе имаат една година да го усогласат своето работење со законските измени, додека регистрите и подзаконските акти треба да бидат подготвени во рок од шест месеци по стапувањето на сила на законот.
