Меѓународниот Ден на чистиот воздух го дочекавме со чад: Над 30 пожари го зафатија Скопје
Актуелно

Меѓународниот Ден на чистиот воздух го дочекавме со чад: Над 30 пожари го зафатија Скопје

07. 09. 2026.

На 7 септември, Меѓународниот ден на чистиот воздух за сино небо, Скопје се соочува со густиот чад од повеќе пожари на отворено. Центарот за управување со кризи на 6 септември регистрирал над 30 пожари, од кои шест сè уште биле активни.

Меѓу најпроблематичните бил пожарот кај Рамно во општина Чучер-Сандево, од каде силниот ветер го носел чадот кон Скопје. Во текот на денот избувнал и пожар зад зградата на МРТВ, а во гаснењето биле вклучени пожарникари, ДЗС, Армијата и полициски хеликоптер.

Меѓународниот ден на чистиот воздух е прогласен од Обединетите нации во 2019 година, а првпат е одбележан во 2020 година. Целта е да се подигне свеста за загадувањето на воздухот, кое претставува сериозен ризик за здравјето.

Проблемот со загадениот воздух во Скопје, сепак, не е ограничен само на деновите кога има пожари. Според акцискиот план на надлежните институции, домаќинствата и административните објекти со нееколошко греење имаат најголем удел во емисиите на ПМ-честички.

Дополнителен проблем е и местоположбата на Скопје во котлина, која особено во зимските месеци го отежнува распрснувањето на загадувачите. Според податоци цитирани од УНИЦЕФ, концентрациите на ПМ10 и ПМ2,5 во земјава ги надминуваат безбедните нивоа повеќе од 100 дена годишно.