Туристичката агенција Thomas Cook ги анализирала цените во повеќе од 50 популарни европски градови со цел да ги издвојат најисплатливите дестинации. Во анализата биле земени предвид просечните цени за ноќевање во хотел со три ѕвезди, оброк во достапен ресторан, кафе, локално пиво, дневен билет за јавен превоз и влезница за туристичка атракција.
Тирана е на врвот
На првото место се најде Тирана, која нуди најдобар сооднос меѓу цената и она што го нуди. Просечниот дневен трошок изнесува околу 59 евра по лице.
Ноќевање во хотел со три ѕвезди во просек чини околу 32 евра по лице, оброк во поевтин ресторан околу 8,50 евра, додека локално пиво може да се најде за околу 1,50 евро.
На второто место е Букурешт, каде просечната вечера чини околу 12 евра, а дневниот билет за јавен превоз само 1,50 евро.
Високо на листата се најдоа и градови во Турција и Полска. Истанбул, на пример, се издвојува со просечна цена од околу 28 евра за ноќевање.
Според Николас Смит од Thomas Cook, градовите во Источна Европа и Турција и понатаму нудат најповолни услови за туристите, но зголемениот интерес за овие дестинации би можел постепено да влијае врз нивната достапност.
Најисплатливи европски градови за есенско патување
- Тирана, Албанија – 59 €
- Букурешт, Романија – 66 €
- Анталија, Турција / Варшава, Полска – 78 €
- Истанбул, Турција – 82 €
- Мугла, Турција / Краков, Полска – 87 €
- Вилнус, Литванија / Франкфурт, Германија – 90 €
- Лион, Франција – 91 €
- Талин, Естонија – 93 €
- Ираклион, Грција – 99 €
- Порто, Португалија – 100 €
