Ова беше истакнато на настанот „Глобалната приказна за турскиот бренд – турски ТВ серии“, кој синоќа се одржа во Истанбул, а на кој присуствуваа претставници на турската влада и филмската индустрија. Фокусот беше ставен на влијанието на сериите врз меѓународниот имиџ на земјата.
Шефот на Дирекцијата за комуникации, Бурханетин Дуран, посочи дека Турција денес е меѓу трите најголеми извозници на телевизиски серии во светот. Според него, вредноста на извозот на турски серии од околу 10 милиони долари во почетокот на 2000-тите години, денес надминува една милијарда долари.
Дуран нагласи дека глобалниот успех на турските серии не треба да се гледа како обид за културна хегемонија, туку како резултат на способноста на Турција да создава сопствени приказни и да ги доближи до публика во различни општества.
Министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, пак, оцени дека популарноста на сериите придонесува за зголемен интерес за Турција. Тој истакна дека турските серии станале стратешка предност за земјата, чијашто важност е многу поголема од директната економска добивка.
Според Ерсој, сериите помагаат во промовирањето на турскиот јазик и култура, но и на турската гастрономија и туристичките дестинации, со што дополнително го зголемуваат интересот на странската публика за Турција.
