Скопјани ги празнат дуќаните со прочистувачи – филтрите се трошат како леб
Актуелно

Скопјани ги празнат дуќаните со прочистувачи – филтрите се трошат како леб

10. 10. 2025.

Скопјани повторно се фатија за прочистувачите за воздух – речиси панично, како во времето кога се појавија првите зимски смогови.

Овојпат причината не е само студениот период, туку и низата загадувачки инциденти што го разбудија стариот страв: хавариите во „Дрисла“ и Вардариште, а потоа и пожарот во Трубарево, каде што гореше пластика.

„Во продавницата каде што работам, побарувачката е тројно зголемена за само една недела. Луѓето доаѓаат исплашени, прашуваат дали ќе има залиха и кога стигнуваат новите модели“, вели продавач од познат техно-ланец во Скопје.

Според него, најмногу се бараат уредите со повеќеслојни филтри и функција за автоматско следење на квалитетот на воздухот.
Тие што веќе имаат прочистувач велат дека веќе одамна не е доволен само еден уред за цел стан.

„Имаме 90 квадрати и порано држевме еден во дневна, ама сега купивме уште еден за во спална. Се чувствува разлика, особено утрата кога надвор мириса на чад“, раскажува скопјанка од Ѓорче Петров.

Други сведочат дека филтрите мораат да се менуваат многу почесто од порано – двапати, па дури и трипати годишно. „Не е евтино, ама што друго да правиш? Детето има астма, па не ризикуваме“, додава татко на мало дете од Тафталиџе.

Продавниците велат дека моментално има доволно залихи, но ако потрае ваквата побарувачка, ќе мора да нарачуваат нови количини.

„Добро стоиме и со филтри, не сакаме луѓето да се враќаат со празни раце. Ова не е луксуз повеќе, туку нужност“, вели сопственик на помала продавница во Центар.

И така, од зима во зима, прочистувачот за воздух стана дел од домашниот инвентар – речиси како парно или телевизор.
Разликата е што телевизорот го вклучуваш да гледаш што се случува, а прочистувачот – за да не го гледаш тоа што се случува.