Македонија со најниска просечна плата од екс-ју државите
Актуелно

Македонија со најниска просечна плата од екс-ју државите

23. 04. 2026.

За една деценија просечната плата во земјава пораснала за 111%, но македонскиот работник останува меѓу најмалку платените во регионот. За сериозен раст на платите е потребен раст на економијата и на продуктивноста.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната нето плата за февруари изнесува 46.159 денари, што ја поставува земјата на дното во споредба со државите од поранешна Југолсавија како Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија.

Во последните неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и поради одливот на работна сила во странство.

За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Како што велат економските експерти, траба економијата да расте со над 5 % годишно за да се види разлика. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика – продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Сепак, ова полека се менува. Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфатија дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван. Натамошниот пад на невработеноста ќе резултира и со раст на просечната плата.

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за 111%.

Просечната плата во февруари 2016-та била 21.813 денари, а со последната обајава на Државниот завод за статистика, просечна плата во февруари 2026 изнесува 46.159 денари(748 евра).

И покрај континуираниот раст, Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата.

Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 1 010 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 840 евра, во Црна Гора 1.026, во Хрватска 1.511 и во Словенија 1.642 евра месечно.