Пари ги разгледа актуелните понуди за летување во Грција, ги спореди августовските и септемвриските термини, а разликите во цените на дел од понудите се навистина големи. Во одредени случаи, исто сместување, со ист број ноќевања и иста услуга, само неколку недели подоцна може да се плати и неколку стотици евра помалку.
Највпечатлив пример пронајдовме во Фурка, на Халкидики. За седум ноќевања со полн пансион во првите три недели од август, за двокреветна соба се бараат 1.129 евра. Веќе од 5 септември цената паѓа на 889 евра, а една недела подоцна, за терминот од 12 до 19 септември, истата понуда може да се резервира за 579 евра.
Тоа значи дека само со поместување на летувањето за неколку недели, сметката е помала за дури 550 евра. Кон крајот на септември цената паѓа уште повеќе, па пронајдовме понуда и за 529 евра за седум ноќевања.
Добра илустрација колку календарот ја менува цената пронајдовме и на вториот крак на Халкидики. Во Метаморфози, седум ноќевања во хотел со полупансион во првите три августовски термини чинат 545 евра по лице, односно 1.090 евра за двајца. Ако истиот одмор се планира за средината на септември, сметката се спушта на 650 евра за двајца, а за терминот од 19 септември – на само 580 евра.
Слична слика добивме и кога ги разгледавме понудите за апартмантско сместување во грчките летувалишта.
Во Калитеа, на Халкидики, за седум ноќевања во двокреветна соба во август се бараат 385 евра по лице, што значи дека двајца за сместувањето би платиле 770 евра. За септемвриски термин истата понуда се спушта на 199 евра по лице, односно 398 евра за двајца.
Поевтини септемвриски цени најдовме и во Пефкохори. За седум ноќевања со појадок во август, цената е 515 евра по лице, или вкупно 1.030 евра за двајца. Во септември истиот тип престој се нуди за 345 евра по лице, што значи дека двајца би платиле 690 евра.
Уште поисплатлив е примерот што го пронајдовме во Лептокарија. Таму за седум ноќевања со полупансион, односно со појадок и вечера, во август се бараат 489 евра по лице. За двајца тоа се 978 евра. Во средината на септември цената изнесува 259 евра по лице или 518 евра за двајца. Во овој случај, само неколку недели разлика во календарот значат 460 евра помал трошок за ист број ноќевања и иста услуга.
Споредбата јасно покажува колку може да значи изборот на летување во септември. За двајца, разликата само кај сместувањето може да покрие добар дел од трошоците за превоз, храна и останатите издатоци на одмор.
Туристичките работници со кои разговаравме велат дека септември одамна не е месец во кој сезоната само полека завршува, и сè повеќе клиенти уште при првото распрашување кажуваат дека намерно бараат термин по завршувањето на главниот летен шпиц.
Причината не е само цената. Во септември температурите се попријатни, особено за туристите што потешко ги поднесуваат јулските и августовските горештини. Морето во Грција и понатаму е топло, а на плажите и во туристичките места има помалку луѓе.
Нема ниту толкава борба за паркинг, лежалки и место во рестораните, а и патувањето најчесто е порелаксирано.
Од туристичките агенции велат дека најголем интерес за септемвриските термини покажуваат повозрасните патници, родителите со деца од претшколска возраст и луѓето што можат пофлексибилно да го користат годишниот одмор.
За семејствата со ученици, секако, можностите се ограничени бидејќи на 1 септември започнува учебната година.
Ваквите коментари не се официјална статистика, но се уште еден показател дека навиките се менуваат. И тоа не се случува само кај македонските туристи.
Низ Европа сè повеќе патници го избегнуваат традиционалниот јулско-августовски шпиц. Истражувањата во туристичкиот сектор покажуваат зголемен интерес за патување надвор од главната сезона, а како причини најчесто се наведуваат цените, преголемите гужви и екстремните временски услови.
Истражување на Букинг покажува дека 42 насто од патниците планираат да патуваат надвор од традиционалната главна сезона, додека 43 насто сакаат да ги избегнат гужвите. Дури 74 насто го земаат предвид и ризикот од екстремни горештини кога одлучуваат каде и кога ќе патуваат.
Туристичкиот сектор очигледно го препознава тоа. Голем дел од сместувачките капацитети во Европа нудат посебни вонсезонски цени и пакети токму за да ја продолжат туристичката сезона и по август.
Јули и август сигурно уште долго ќе останат главните месеци за летување. Но за туристите што не зависат од училишниот календар и можат сами да го изберат терминот за одмор, септември веќе не е резервна варијанта. Сè почесто станува прв избор, затоа што летото сè уште трае, а сметката е значително помала.
