Ultrasoft: „Pulser ни даде јасна слика за задоволството и потребите на нашиот тим“
Актуелно

Ultrasoft: „Pulser ни даде јасна слика за задоволството и потребите на нашиот тим“

12. 06. 2025.

Ultrasoft е добитник на Pulser награда за 2024 година во категорија микро компании, признание што се доделува врз основа на анонимни анкети за задоволството на вработените, спроведени преку платформата Pulser.mk. Во ова интервју, тие споделуваат што стои зад нивниот успех, како ја негуваат организациската култура и зошто гласот на вработените кај нив е клучен.

Во современото работно опкружување, слушањето на гласот на вработените станува клучно за секоја организација што сака да расте одвнатре. Ultrasoft, македонска ИТ компанија со јасна визија и силна култура, реши да направи чекор понатаму и го имплементираше Pulser – првата алатка за мерење на ангажираност и задоволство на вработените во Македонија.

Во ова интервју зборуваме со тимот на Ultrasoft за нивните впечатоци, резултатите и како Pulser влијаеше на интерните процеси и менаџмент одлуки.

Запознајте ја компанијата – што стои зад Ultrasoft и колку време сте активни на пазарот?

Ultrasoft постои веќе 7 години и сме комплетно фокусирани на развој на софтвер и системи што навистина им служат на компаниите. Имаме неколку наши производи – APIS Suite, ERP платформа за управување со процеси во компании, платформа за маркетинг автоматизација и CDP со реални AI функционалности, финтек платформа за размена, кредитирање и инвестиции и крипто валути. Нашите клиенти се од различни индустрии – трговија, производство, здравство, па дури и јавен сектор. Она што го нудиме не се само алатки, туку целосни решенија кои им помагаат да работат подобро и поефикасно.

Кој е еден од клучните луѓе во вашиот тим и што мислите дека го мотивира да остане со години?

Тоа е Нермин – нашиот CTO и еден од првите луѓе што беа дел од Ultrasoft. За него, мислам дека клучно беше тоа што секогаш имаше простор да се развива, да креира и да води. Кај нас, никогаш немало строги рамки или ограничувања – ако имаш идеја и желба да направиш нешто, ја имаш поддршката. Тоа е, верувам, една од главните причини зошто луѓето остануваат со нас.

Што мислите дека ве прави различни од другите ИТ компании на пазарот?

Најискрено – тоа што не работиме по шаблон. Секоја компанија е различна, и ние тоа го разбираме. Успеваме да направиме производи што се и модерни, и стабилни, и практични – и што уште поважно, ги прилагодуваме според реалните потреби на клиентот. Исто така, кај нас клиентите не се само „број“ – со многу од нив имаме партнерски однос, соработка што трае и се развива со време. Тоа е нешто што тешко се копира.

Каква култура негувате во компанијата и како тоа влијае на работната атмосфера?

Имаме една многу едноставна, но важна филозофија – луѓето треба да се чувствуваат добро на работа. Имаме култура каде што отвореноста, довербата и поддршката се секојдневие. Секој може да каже што мисли, секој може да предложи нешто. Тимот функционира природно, без формални бариери, со многу добра динамика и взаемна почит. А кога атмосферата е здрава, резултатите си доаѓаат.

Како знаете кога некој не се вклопува во вашата работна средина?

Многу брзо се гледа. Кај нас луѓето треба да бидат проактивни, отворени и да сакаат да учат и напредуваат. Ако некој чека инструкции за сè, не сака да преземе одговорност или не го интересира поголемата слика – не се вклопува. Имаме брз, креативен и искрен тим, и тоа создава природна селекција.

Како се грижите најдобрите да останат со вас долгорочно?

Најдобрите не ги задржувате само со пари. Секако платата е многу важна, и успешните секогаш ги наградуваме, но најдобрите ги задржувате со тоа што им давате простор да растат, да учат, да прават грешки, да водат. Им даваме вистински предизвици, ги вклучуваме во донесување одлуки, и секогаш се трудиме да бидеме фер. Тоа го чувствуваат, и токму затоа остануваат.

Како реагиравте кога дознавте дека сте добитници на Pulser награда?

Искрено – ми беше многу мило. Ова е посебна награда бидејќи доаѓа од вработените, од луѓето што секој ден реално те оценуваат. За нас тоа значеше многу – потврда дека и покрај сите предизвици, успеваме да изградиме средина во која луѓето се чувствуваат добро и вреднувано.

Што мислите дека најмногу придонесе за ваквиот позитивен фидбек од тимот?

Најверојатно тоа што кај нас луѓето навистина имаат глас. Ги слушаме, разговараме, се обидуваме да решиме проблеми навреме. Нема „ние и тие“ – сите сме во ист брод. Кога ќе видиш дека некој се грижи за тебе и за твоето мислење – нормално е да го цениш тоа и да го вратиш со позитивен став.

Дали постои специфична вредност што ви е особено важна и што придонесува за задоволството на вработените?

Да, дефинитивно – најважна ни е слободата со одговорност. Лично не почитувам микро менаџмент, туку луѓе што знаат што прават и се горди на тоа. Исто така, секогаш сме отворени за идеи и често токму од тимот доаѓаат најдобрите иницијативи. Луѓето се чувствуваат како дел од нешто што го градат, а не само како дел од процес.

Колку го вклучувате гласот на вработените во носењето менаџерски одлуки?

Пресуден. Не е клише кога ќе кажам дека без нив – нема успех. Многу често идеи за подобрувања, нови функционалности или дури нови проекти доаѓаат од вработените. Ние тоа го вреднуваме и го охрабруваме. Затоа и не одлучуваме „од горе надолу“, туку се трудиме важните работи да ги решаваме заедно.

Дали оваа награда ве мотивира за идни подобрувања и чекори напред?

Апсолутно. Оваа награда за нас е знак дека одиме во добра насока – но и потсетник дека треба да продолжиме уште посилно. Веќе планираме неколку нови револуционерни проекти, комплетна имплементација на АИ во нашите производи и услуги, како и нови пазари на кои планираме да ги нудиме нашите производи и услуги. И да, сакаме и понатаму да бидеме место каде што луѓето доаѓаат со желба – и остануваат со причина.

Каква иднина гледате за Ultrasoft со оглед на поддршката што ја добивате од вработените?

Голема, но стабилна. Имаме планови за раст, и во Македонија и надвор, но сакаме тоа да биде природен раст – со луѓето што нè носат напред. Кога ќе имаш тим што верува во визијата, кој не се плаши од промени и сака да создава – иднината изгледа многу поедноставна.

Искуството на Ултрасофт е уште еден доказ дека компаниите кои вложуваат во разбирање и слушање на својот тим не само што создаваат подобро работно опкружување, туку и градат посилна, поангажирана и подинамична организација.

Pulser, како иновативна алатка, претставува мост помеѓу менаџментот и вработените – и уште една алатка во рацете на оние кои сакаат навистина да бидат работодавачи од избор.