Ама како што одминуваат деновите, намерите тивко се повлекуваат, а паричникот почнува да слабее побрзо од било која диета. Празниците, едноставно, не трпат дисциплина.
Маркетите се полни, корпите сè потешки. Луѓето купуваат повеќе од планираното, често и од потребното.
„Знаеме дека е скапо, ама еднаш годишно е“, вели скопјанка која со две полни кеси чека ред на каса. Се смее, ама во тоа смеење има и малку нервоза. „Ќе се снајдеме некако… ќе се скрати јануари“, додава самоуверено.
Трговците одамна ја научиле таа психологија. Празничните попусти звучат примамливо, иако крајната сметка ретко изгледа како заштеда. Банкарските реклами нудат „лесни решенија“ – купи сега, плати подоцна, на рати, без камата… барем така изгледа на прв поглед.
Економистите предупредуваат дека токму празничниот период е време кога граѓаните најлесно влегуваат во долгови што потоа ги влечат со месеци. „Емоцијата го победува разумот“, вели финансиски советник со кого разговаравме. „Во декември се купува со чувство – за децата, за семејството, за ‘да не фали ништо’“.
А тоа „да не фали“ често значи повеќе храна отколку што може да се изеде, повеќе подароци отколку што реално се потребни, повеќе трошоци отколку што буџетот може да ги поднесе без последици. Во разговор со пензионер од Аеродром, кој внимателно ги брои денарите пред каса, станува јасно дека празниците не ги погодуваат сите исто. „За децата мора“, вели кратко. „За себе – ќе почекаме“. И тука завршува муабетот.
Статистиката од банките покажува раст на користење на кредитни картички и дозволени минуси токму во овој период. Јануари, пак, доаѓа како ладен туш. Празничните светилки се гасат, сметките стигнуваат, а платата изгледа помала од вообичаено. Многумина тогаш си ветуваат дека „следната година ќе биде поинаку“. Истата приказна, истиот круг.
Штедењето пред празници, барем во нашата реалност, останува повеќе желба отколку план. Помеѓу инфлацијата, ниските приходи и силниот притисок „да се слави како што треба“, рационалноста ретко има шанса.
А и кој сака да биде рационален кога сите околу него се подготвуваат за славје? Некој ќе рече дека е прашање на избор. Можеби.
Ама кога ќе се соберат сите тие „само уште ова“, „ајде и тоа да го земеме“ и „што ќе речат ако нема“… изборот полека исчезнува.
И така, празниците доаѓаат, сметките се празнат, спомените остануваат. До следниот декември. Кога сè почнува одново. Или барем така изгледа…
