Посебна виза за професионалните возачи ќе ги тргне блокадите?
Актуелно

Посебна виза за професионалните возачи ќе ги тргне блокадите?

28. 01. 2026.

ГЛАСОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН СТИГНА ДО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската Унија првпат ќе го отвори прашањето за долгорочен престој во Шенген-зоната на институционално ниво, за професионалците чија работа подразбира постојано движење меѓу повеќе земји членки. Меѓу овие професионалци се и возачите на камиони од трети земји, кои во моментов ја блокираат транспортната логистика на клучните гранични премини на Западен Балкан.

Новата визна стратегија ќе биде официјално објавена утре, во Брисел, а според работниот документ на Европската комисија, до кој имаше пристап „Блиц бизнис“, се предлага започнување стратешка дискусија за исклучоци од правилото 90/180 дена. Ова правило, кое го ограничува престојот на професионалците од трети земји на максимум 90 дена во период од 180 дена, според превозниците, сериозно го отежнува работењето и влијае на ефикасноста на меѓународниот транспорт.

Документот предвидува дека може да се разгледа престојувањето во Шенген-зоната подолго од 90 дена, под услов времето поминато во поединечна земја да не надминува 90 дена. Како примери се наведуваат професионалните возачи и другите работници што работат за компании со седиште во ЕУ и чија работа зависи од постојаната мобилност меѓу различни земји членки.

– Првпат проблемот со кој се соочуваат транспортерите од Македонија и од регионот со години е формално признаен како прашање на конкурентноста на Европската Унија – велат соговорниците на „Блиц бизнис“.

Протестите на Западен Балкан ја разбудија ЕУ

Товарниот сообраќај од Западен Балкан кон Шенген-зоната веќе неколку дена останува блокиран. Протестот започна во понеделникот, кога беа поставени камиони од Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина на клучните гранични премини, барајќи од ЕУ да го измени правилото за електронска евиденција на престојот во Шенген, познато како правило 90/180 дена.

Овој систем им овозможува на професионалците што не се државјани на ЕУ да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена, што, според превозниците, сериозно го отежнува секојдневното работење и го нарушува ритамот на меѓународниот транспорт. Првичните процени на стопанските комори покажуваат дека дневните економски штети поради застојот достигнуваат до 100 милиони евра, што се смета за сериозен удар врз економијата на регионот.

Во меѓувреме, македонските надлежни институции интензивно работат на решение преку поддршка од земјите членки на ЕУ. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска, во Загреб, оствари средба со својот хрватски колега, Олег Бутковиќ. Во центарот на разговорите беше токму проблемот со новиот систем за електронска евиденција, кој ги погодува не само македонските превозници туку и целиот транспортен сектор на Западен Балкан.

Целиот текст прочитајте го на: vecer.press