Во рамки на проектот „Безбеден град“, од 20 до 31 јануари ќе се спроведува тестирање, калибрација и верификација на камерите за сообраќаен надзор, информира Министерството за внатрешни работи.
Активностите ќе се реализираат секој ден од 08:00 до 20:00 часот, а за време на техничките проверки, возилата нема да бидат пропуштани на локациите каде што се врши калибрацијата.
Во првата недела, тестирањето ќе се одвива исклучиво на подрачјето на Скопје, по што активностите ќе продолжат и на други локации, согласно динамиката на проектот.
Од МВР апелираат до граѓаните и учесниците во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на терен, како и да покажат трпение, со цел активностите да се спроведат безбедно и непречено.
Проектот „Безбеден град“ има за цел унапредување на сообраќајната безбедност преку современ систем за автоматски надзор и контрола.
