Ако трендот продолжи, бројот до крајот на годината би можел да надмине 160, со што би бил поставен нов рекорд. Досегашниот максимум е забележан во 2024 година, кога пропаднале 146 вакви компании.
Меѓу главните причини се растот на цените на суровините, повисоките оперативни трошоци, недостигот од работници и проблемот со наследници. Особено погодени се семејните компании, бидејќи сè потешко наоѓаат кој ќе го преземе бизнисот.
Еден од примерите е „Кадоја Сесаме Милс“, компанија основана во 1858 година, која преживеала војни и економски кризи, но сега се подготвува да се повлече од берзата и да стане приватна компанија.
Проблемот е поширок од вековните компании. Во првата половина од 2026 година во Јапонија биле регистрирани 556 банкротства поврзани со растот на цените, 227 поради недостиг од работници и 312 поради недостиг од наследници.
Демографската криза дополнително го зголемува притисокот. Јапонија има сè помалку жители и сè постаро население, што значи и помалку работници, потрошувачи и потенцијални наследници.
Во целата земја, во првите осум месеци од годинава биле регистрирани 7.199 банкротства, што е 7,3 отсто повеќе од истиот период лани.
Земјата позната по компании што се пренесуваат од генерација на генерација сега се соочува со нов предизвик – како да се зачуваат бизнисите кога нема доволно луѓе за да ги наследат и продолжат.
