Сепак, би се изненадиле колку места на Земјата сè уште не ги посетил ниту еден човек. Од непроодните срца на древните шуми до замрзнатите врвови на светите планини, ова се последните навистина недопрени локации на планетата. А во скриените длабочини на пештерите можеби се кријат стотици километри недопрена територија која допрва чека да биде откриена.
Некои од овие места, како застрашувачкиот врв Гангкхар Пуенсум, највисоката неосвоена планина во светот, останале недопрени од верски и духовни причини. Други, како смртоносните длабочини подводниот гребен Гакел (Gakkel Ridge) во Северноледениот Океан, едноставно се премногу непристапни и опасни за луѓето да стигнат до нив. Во меѓувреме, во последните вистински дивини на Земјата, на Антарктикот и во Сибир, сè уште постојат огромни, неистражени подрачја, и покрај децениските истражувачки експедиции.
Во продолжение откриваме каде се кријат некои од најмистериозните места на Земјата.
Земјата Мери Бирд (Marie Byrd Land), Антарктик

Сместена во западниот дел на Антарктикот, Земјата Мери Бирд е едно од ретките подрачја во светот кое има статус terra nullius – територија која не ѝ припаѓа на ниту една држава.
Овие ледени пространства зафаќаат околу 1,61 милион квадратни километри, а научниците проценуваат дека дури 99,6 отсто од ова подрачје е целосно недопрено од човечко присуство. За споредба, за целиот Антарктик овој процент изнесува околу 32 отсто.
Поради огромната површина, приближно колку Алјаска, и екстремните услови, најголемиот дел од овој регион никогаш не бил истражен. Сепак, областа има огромно научно значење. Тука се наоѓа глечерот Твејтс (Thwaites Glacier), еден од најважните глечери на планетата, чие топење би можело значително да придонесе за порастот на нивото на морето ширум светот.
Комплексот на северните шуми, Мјанмар

Се протега на повеќе од 30.000 квадратни километри и претставува една од последните големи дивини на Земјата. Оваа густа планинска прашума на северот на Мјанмар, долж границата со Индија и Кина, е едно од најголемите зачувани шумски подрачја во Југоисточна Азија.
Научниците проценуваат дека тука живеат околу 6.000 растителни и животински видови, од кои дури 1.500 не можат да се најдат никаде на друго место во светот. Иако областа отсекогаш била тешко пристапна, по политичките конфликти во шеесеттите години на минатиот век, Мјанмар речиси целосно го затворил ова подрачје за истражувачите.
Поради тоа, длабоките делови на шумата и денес остануваат неистражени.
Гангкхар Пуенсум, Бутан

Со височина од 7.550 метри, Гангкхар Пуенсум е највисоката планина во светот на која никој никогаш не се искачил. Иако временските услови се исклучително сурови, а теренот слабо мапиран, причината поради која врвот останува неосвоен не е природата.
Жителите на Бутан веруваат дека планинските врвови се домови на божества и дека се свети. Во осумдесеттите години имало неколку обиди за искачување, но планинарите секогаш се откажувале од почит кон локалната традиција. Владата на Бутан во 1994 година забранила искачување над 6.000 метри, а од 2003 година целосно го забранила планинарењето во земјата.
Поради тоа, Гангкхар Пуенсум можеби засекогаш ќе остане неосвоен.
Мачапучаре (Machapuchare), Непал

Планината позната и како „Рибја опашка“, поради карактеристичниот двоен врв, се издигнува на 6.993 метри во подрачјето на заштитениот парк Анапурна. Според верувањето на народот Гурунг, ова е домот на богот Шива, едно од најважните божества во хиндуизмот.
Поради тоа, планината речиси никогаш не била допрена од човечка нога. Британска експедиција во 1957 година стигнала на само 150 метри од врвот, но се повлекла бидејќи му ветила на кралот на Непал дека нема да стапне на самиот врв.
Оттогаш не е издадена ниту една нова дозвола за искачување.
Сума Ри, границата меѓу Пакистан и Кина

За разлика од претходните планини, Сума Ри не е неосвоена од верски причини. Со височина од 7.312 метри, ова е највисоката планина во светот на која е дозволено искачување, но на која никој никогаш не успеал да се искачи.
Причината е речиси целосната непристапност. Се наоѓа во политички чувствително подрачје без патишта, патеки и базни кампови, додека глечерите, длабоките пукнатини и честите лавини дополнително го отежнуваат секој обид за искачување.
Nyainqêntanglha East, Тибет
Овој планински венец, често нарекуван и „Алпите на Тибет“, се протега на околу 600 километри. За разлика од европските Алпи, овде повеќето врвови се целосно недопрени.
Од 164 планински врвови повисоки од 6.000 метри, дури 159 никогаш не биле освоени. Во последните години неколку експедиции се обидуваат да го истражат ова подрачје, но огромни делови од планинскиот венец и понатаму остануваат без човечки траги.
Гакеловиот гребен (Gakkel Ridge), Северноледен Океан
Уште помистериозни од планините се длабоките делови на океаните. Американската Национална управа за океани и атмосфера проценува дека мапирани се само 28,7 отсто од морското дно, додека луѓето директно виделе само 0,001 отсто.
Едно од најнепристапните места е Гакеловиот гребен, подводен вулкански синџир долг околу 1.800 километри, кој се протега низ Северноледениот Океан. Се наоѓа на длабочина од 4.600 до 5.100 метри, а во текот на целата година е покриен со речиси непробоен мраз.
Дури минатата година кинеска експедиција успеала да испрати екипаж во овој ров, но истражен бил само негов мал дел.
Ценотите на Јукатан, Мексико

Геологот и истражувач на пештери Крис Лојд вели дека пештерите се меѓу ретките места на планетата кои сè уште се навистина непознати. На полуостровот Јукатан се наоѓаат околу 7.000 ценоти – природни варовнички вртачи и пештерски системи кои биле поплавени пред околу 10.000 години.
За посетители се отворени само 142, што значи дека дури 98 отсто од овие системи и понатаму се неистражени. Експертите проценуваат дека под површината се кријат уште околу 1.000 километри неоткриени премини.
Можно е некои од овие пештери некогаш да биле населени во праисторијата, пред да бидат прекриени со вода.
Ханг Сон Дунг, Виетнам

Покрај мексиканските ценоти, една од најголемите мистерии меѓу пештерите е Ханг Сон Дунг, најголемата пештера во светот. Досега мапираните делови имаат волумен од околу 38,5 милиони кубни метри и се протегаат на повеќе од 9,4 километри.
И покрај децениските истражувања, спелеолозите и денес откриваат нови тунели и огромни подземни простории. Уште во 2019 година биле пронајдени нови комори кои го зголемиле познатиот волумен на пештерата за дополнителни 1,6 милиони кубни метри. Иако главниот премин е детално истражен, експертите веруваат дека голем број подземни реки и странични премини сè уште не се мапирани – ниту некогаш ги видело човечко око.
