САД ја надминаа другите земји во растот на богатството во текот на 2024 година, а повеќе од 379.000 луѓе за првпат станаа милионери во американски долари, според годишниот извештај за глобалното богатство на UBS, кој го анализира индивидуалното богатство на 56 пазари.
Жителите на САД сочинуваат повеќе од половина од сите нови милионери ширум светот во 2024 година, а порастот на бројот на американски милионери беше поттикнат од силниот принос на берзата, при што индексот S&P 500 порасна за повеќе од 23 проценти минатата година.

„Растот на богатството беше силно насочен кон Северна Америка, воден од стабилниот американски долар и оптимистичните финансиски пазари“, заклучија аналитичарите на UBS во извештајот.
Глобално, вкупно 680.000 луѓе станаа милионери во 2024 година, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на претходната година, пренесува CBS News.
UBS очекува овој број да продолжи да расте во наредните пет години, а до 2029 година, банката предвидува дека дополнителни 5,34 милиони луѓе ќе заработат најмалку еден милион долари.
И покрај растечкиот удел на милионери, богатството на поголемиот дел од Американците е далеку помало од седумцифрената сума, а на крајот од 2024 година, просечното богатство по возрасна личност изнесувало околу 312.000 долари, според извештајот.
Во извештајот се наведува дека вкупното глобално лично богатство пораснало за 4,6 проценти ширум светот минатата година, водено од зголемување од над 11 проценти во Америка.
Во Америка минатата година живееле 40 проценти од сите милионери на глобално ниво, односно околу 24 милиони луѓе, додека околу 36 проценти живеат во азиско-пацифичкиот регион и Европа, а 25 проценти на Блискиот Исток и во Африка.
