Значи, од овој ден ќе стартува целосната примена на системот „Безбеден град“, откако Собранието пред неколку дена го изгласа Законот за прекршоци, со што се отвора патот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци преку камери и софтверска контрола.
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните за прекршоците што се санкционираат преку системот „Безбеден град“ и предвидените глоби.

Пречекорување на брзина во населено место (дозволена брзина до 50 km/h, по исклучок до 70 km/h со знак)
• до 10 km/h над дозволеното – 15 €
• од 10 до 30 km/h – 50 €
• од 30 до 50 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
Пречекорување на брзина надвор од населено место (130 km/h автопат • 110 km/h пат за моторни возила • 90 km/h други патишта)
• до 30 km/h над дозволеното – 20 €
• од 30 до 50 km/h – 50 €
• од 50 до 70 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
Поминување на црвено светло
• 250 € глоба/забрана за управување 3–12 месеци
Непрописно запирање и паркирање (пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки и други критични локации)
• глоби од 25 €, 40 €, 150 € и 180 € (во зависност од видот и тежината на прекршокот)
Учество во сообраќај со нерегистрирано возило (без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици)
• 500 € глоба
• ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена – 100 €
Намалување на санкциите
Плаќање во рок од 8 дена → се плаќа 50% од глобата
Ако има и забрана за управување → се изрекува во половина од пропишаниот рок
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, за поголема лична и општа безбедност и намалување на сообраќајните незгоди, а претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на гостувањето во „Клик Плус“ на ТВ21, зборувајќи за проектот „Сејф Сити“, истакна дека е подготвен да понесе ризик дури и да падне владата за проектот.
Мицкоски кажа дека целта не е да се наплаќаат казни, туку да се спасуваат човечки животи.
