Парно може да има најдоцна до 30 април, во зависност од временските услови
Актуелно

Парно може да има најдоцна до 30 април, во зависност од временските услови

15. 04. 2026.

До денеска, согласно со законската регулатива, траеше снабдувањето со топлинска енергија. Но, дали ќе имаат скопјани топли радијатори, зависи од надворешните временски услови, па грејната сезона може да продолжи.

Од „ЕСМ Снабдување“ соопштија дека, сепак, поради актуелните временски услови и прогнозите за задржување на ниските температури, постои можност за продолжување на снабдувањето со топлинска енергија во Скопје најдоцна до 30 април.

– Конечната одлука за евентуално продолжување на греењето секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Одлуката ќе зависи од тоа дали ќе бидат исполнети условите за снабдување, односно дали ќе биде прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден еднаква или помала од 12°C, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи – велат од „ЕСМ Снабдување“.

Оттаму велат дека ќе ги следат одлуките на РКЕ и секојдневно ќе ја информира јавноста за сите евентуални промени во режимот на снабдување со топлинска енергија.

Од РКЕ денеска информираа дека според правилата, греењето нема целосно да запре, туку ќе се активира само под одредени услови.

– Доколку прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покаже дека средната дневна температура ќе биде еднаква или пониска од 12 степени, снабдувачот ќе мора да обезбеди греење. Во тие случаи, во периодот од 6:00 до 22:00 часот, температурата во домовите треба да достигне 20 степени, со дозволено отстапување од +1 степен. Со ова практично се воведува флексибилен режим на греење до крајот на месецот, кој ќе зависи директно од временските услови наместо од фиксниот календарски рок – велат од РКЕ.

Извор: vecer.press