Колку километри над дозволеното ќе се толерираат со „Безбеден град“?
Актуелно

Колку километри над дозволеното ќе се толерираат со „Безбеден град“?

19. 12. 2025.

Системот „Безбеден град“ („Сејф сити“) се очекува официјално да започне со примена од 1 февруари, откако ќе бидат донесени законските измени потребни за негово целосно функционирање. Во моментов системот е во пробна фаза, која започна на почетокот на месецот.

За целосна примена потребни се измени на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик. Доколку законските измени не бидат усвоени, можно е пролонгирање на официјалниот старт на системот.

Во рамки на подзаконските акти ќе биде утврдено и дозволеното пречекорување на брзината, кое според европските стандарди ќе се движи од 3 до 10 километри на час над дозволеното, во зависност од типот на сообраќајницата и условите.

Резултатите од пробната примена во Скопје, која траеше 15 дена, покажуваат позитивни ефекти. Забележано е поодговорно однесување на учесниците во сообраќајот, како и намалување од околу 15 до 20 проценти на бројот на пациенти донесени на Клиниката за трауматологија поради сообраќајни незгоди, вклучително и намалување од 20 проценти на тешките телесни повреди.

Во тек е надминување на техничките предизвици забележани во пробниот период, со цел системот да биде целосно функционален до планираниот почеток.

Дополнително, најавено е дека локациите на кои ќе бидат поставени камери ќе бидат јавно достапни, а сообраќајната сигнализација ќе биде ревидирана. На сите места каде што ќе има камери за мерење брзина, сообраќајните знаци ќе бидат усогласени со важечките сообраќајни проекти.

Крајната цел на системот „Безбеден град“ е зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на брзината на движење и спречување на сообраќајни незгоди со тешки последици.

Извор: skopjeinfo.mk