Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт (АМС), Дарко Каевски, одржа прес-конференција на која ги појасни мерките за помош на спортистите додека трае пандемијата со коронавирусот.
Минимална плата од 14.500 денари ќе добијат сите спортисти кои имаат некаков важечки договор со клубовите. Не мора да бидат вработени, помош ќе добијат и хонорарците.
„По консултациите кои ги направивме со спортските работници и со националните федерации, заклучивме дека поголем број од спортистите се ангажирани со договор на дело или со некој друг вид на договор. Затоа со уредбата на владата дополнително се опфатени и овие лица. Целта ни е да опфатиме колку што е можно повеќе спортисти и работници и да помогнеме заедно да ја надминеме оваа криза“, изјави Дарко Каевски од АМС.
Сите спортисти и клубови кои сакаат да ја искористат оваа мерка на Владата, ќе треба да испратат барање за финансиска поддршка до матичната федерација најдоцна до 1 април, а потоа федерацијата ќе ги спроведе барањата до АМС.
Покрај оваа мерка, Дарко Каевски презентираше и дополнителен пакет на мерки.
Помош од 14.500 денари ќе добиваат клубовите кои имаат регистрирано најмалку 40 спортисти во младинските категории во индивидуалните спортови и најмалку 80 регистрирани спортисти во младинските категории во екипните спортови.
АМС ќе ги финансира и програмите за подготовки за настапи на врвните наши индивидуални спортисти во олимписките спортови.
Ќе иницира 50 проценти намалување на цените за користење на спортските објекти, ќе овозможи и ослободување на клубовите од плаќање на котизации и чланарини за 2020 година.
Владата ќе помогне и за реализација на спортските ваучери со оглед на намалениот финансиски потенцијал на компаниите преку кои обично клубовите ги добиваа парите од овој систем.
