Што им е најважно на македонците при избор на работно место?

Што им е најважно на македонците при избор на работно место?

03. 11. 2021.

Порталот Vrabotuvanje.com.mk во рамките на Регионалниот онлајн саем за вработување во Македонија спроведе истражување со цел да се откријат сличностите и разликите во условите за работа во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Во истражувањето во кое учествуваа и водечките портали за вработување во Србија (Poslovi.Infostud), Хрватска (MojPosao) и Босна и Херцеговина (Posao.ba), Словенија (Deloglasnik.si) беа опфатени над 5.000 испитаници, од кои речиси 1.000 од Македонија. Од испитаниците во Македонија, 54% се вработени, 39% се невработени и 7% се студенти.

На прашањето Што ви е најважно на работното место/при избор на работодавач, на кое испитаниците имаа опција да изберат максимум 3 одговори, најголем дел од нив (69%) се изјасниле дека платата е пресудна. Вториот критериум најважен за избор на работно место или работодавач се добрите меѓучовечки односи (61%). Овој податок е само потврда на многуте истражувања и анкети кои укажуваат на важноста на атмосферата во вашата компанија, тимот и компаниската култура која ја негувате. Потребно е да се грижите за овој сегмент од работењето, но уште поважно е да истото да го презентирате преку соодветни канали на комуникација, за да преку “word of mouth” допрете до што повеќе потенцијални кандидати.

Радува фактот што можноста за учење и напредок е трет избор на испитаниците, со 39%. Ова значи дека македонците сакаат да учат и да се надоградуваат. 36% се изјасниле дека работното време им е важен фактор при избор на работното место.

За флексибилно работно време се одлучиле 18% од испитаниците, безбедност на работното место 12%, а локацијата на компанијата им е важна на 10% од испитаниците.

Останатите фактори како природа на работата, менторство, општествена одговорност и имиџ на компанијата се застапени со нешто помалку од 10%.

Следен сегмент од истражувањето е прашањето Што според вас е најважно за добивање на работата?

Мотивацијата и подготвеноста за работа е најважна според 35% од испитаниците, 24% се одлучиле за знаењата и вештините кои ги поседуваат, а 20% се потпираат на работното искуство.

Останатите фактори како препораки, формално образование, познанства, среќа и партиска припадност, се застапени со нешто помалку од 10%.

Интересен е фактот што само 2% од испитаниците размислуваат дека формалното образовние е најважно за добивање на работа.

Овој податок покажува дека имаме кандидати кои се подготвени да се адаптираат, дообучат и да прифатат работа која не им е „по струка.“