Македонскиот главен град Скопје ќе биде поврзан со Рига, главниот град на Летонија, два пати неделно, од 3 мај до 30 септември 2024.
Новата сезонска авиолинија на ЕрБалтик, од скопскиот аеродром, ќе им овозможи на клиентите поврзување со балтичките држави и светот.
– Воведувањето на нов лет до Рига од скопскиот аеродром и додавањето на airBaltic како нова авиокомпанија во портфолиото на ТАВ, како и влегувањето на авиокомпанија на македонскиот авијациски пазар е одлична вест. Ова дополнување ќе им овозможи на клиентите беспрекорен пристап до многу културни, историски и деловни дестинации. Оваа нова авиолинија не само што ќе ја подобри поврзаноста, туку и ќе им овозможи на патниците да ги истражуваат овие различни региони со леснотија и удобност – Рига, со својот волшебен спој на историја, култура и современост, во исто време и бизнис-центар во балтичкиот регион, и Скопје и балканскиот регион, со своето историско значење, природни убавини, кујна и гостопримство. Честитаме на airBaltic и ја цениме нивната одлука бидејќи оваа нова авиолинија ќе ги поврзе балтичкиот и балканскиот регион, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Мартин Гаус, претседател и главен извршен директор на ЕрБалкан, истакнува дека со воведувањето на 11 нови линии следното лето, авиокомпанијата ќе ја зајакне позиција и амбицијата за натамошен раст, подобрувајќи ја поврзаноста од Балтикот.
– При подготовките за следна сезона, секогаш внимателно ја проценуваме состојбата на пазарот и побарувачката. Овој пат, идентификувавме можност да ја прошириме нашата мрежа во Централна и Југоисточна Европа со конекции со балтичките и нордиските земји. Затоа, драго ни е да ја прошириме понудата на airBaltic следното лето со практични и погодни директни летови до и од овој регион, вели Гаус.
Билетите за новата авиолинија се достапни за резервација преку веб страницата на airBaltic www.airbaltic.com, со цени почнувајќи од 89 евра за патување во еден правец.
