Сè повеќе повици, сè помалку оџачари: Почнува сезоната за чистење на оџаците
Актуелно

Сè повеќе повици, сè помалку оџачари: Почнува сезоната за чистење на оџаците

05. 10. 2026.

Со наближувањето на грејната сезона се зголемува и побарувачката за оџачари. Во Куманово, каде дел од домаќинствата сè уште се греат на дрва, граѓаните веќе започнаа со подготовка на оџаците.

Еден од ретките оџачари во североисточниот дел од земјата, Дино, вели дека интересот е голем, но дека недостигот од мајстори создава проблем.

Тој има повеќе од 250 редовни клиенти, а повици добива и од Скопје, Крива Паланка и Кратово. Според него, младите сè поретко се одлучуваат за оваа професија поради специфичните услови за работа, меѓу кои се и качувањето на височина и изложеноста на прашина.

Дино апелира граѓаните да не чекаат да започне грејната сезона за да ги исчистат оџаците, туку тоа да го направат навреме, по можност уште на крајот од претходната сезона.

Колку е важна редовната проверка покажуваат и податоците од кумановската противпожарна единица. Лани биле регистрирани 22 интервенции поради запалени оџаци, додека годинава досега има 14.

Граѓаните со долгогодишно искуство со греење на дрва велат дека оџаците треба да се чистат повеќепати во текот на сезоната, а не само еднаш.

Редовното чистење не е важно само за спречување пожари. Чистиот оџак овозможува подобро функционирање на системот за греење, а според оџачарите, има значење и за намалување на загадувањето на воздухот.

Од струката посочуваат дека е потребно и системско уредување на професијата оџачар, како и поголема поддршка за редовно одржување на оџаците.