Гостивар во хаос, а каква вода пијат скопјани?
Актуелно

Гостивар во хаос, а каква вода пијат скопјани?

21. 07. 2026.

Додека Гостивар се соочува со епидемија предизвикана од загадена вода за пиење, кај многумина се отвори прашањето – каков е квалитетот на водата што ја пијат скопјани?

Одговор на ова прашање даде ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кое редовно објавува извештаи за квалитетот на водата од градскиот водовод.

Според најновите анализи, водата од водоснабдителниот систем во Скопје е здравствено исправна и безбедна за пиење.

Од претпријатието информираат дека во текот на денот биле земени вкупно 43 примероци од водоводната мрежа, меѓу кои три примероци од бунарскиот потег Нерези – Лепенец и два примероци сурова вода од каптажите на изворот Рашче.

Мониторингот е спроведен во согласност со Правилникот за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење, како и со меѓународниот стандард MKC ISO 5667-5 за земање примероци. На сите примероци се извршени физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитираните лаборатории на Секторот за санитарна контрола, согласно стандардот ISO 17025:2018.

„Резултатите покажуваат дека сите анализирани примероци ги исполнуваат законските критериуми за безбедност и квалитет, што потврдува дека водата од скопскиот водовод е безбедна за пиење и секојдневна употреба“, соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.