Колку време сте на одредена апликација, колку траел вашиот повик, колку брзо ги завршувате задачите, каде се наоѓате, па дури и што пишувате во службените мејлови – сето ова може да биде предмет на дигитално следење.
Она што масовно почна да се користи за време на пандемијата, особено поради работата од дома, не исчезна со враќањето во канцелариите. Напротив, дигиталниот надзор станува сè почест дел од секојдневното работење.
Според податоците на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, работното време на 37% од вработените во ЕУ се следи со дигитални алатки, додека кај речиси една четвртина од работниците распоредот го одредува автоматизиран систем.
Истражувањето опфатило повеќе од 70.000 работници од сите 27 земји-членки на ЕУ. Следењето повеќе не е нешто што се поврзува само со доставувачи, логистика или работа од далечина. Ваквите системи сè почесто се користат и во класичните компании, а дел од одлуките што порано ги носеа менаџерите сега ги презема софтверот.
Што точно следат компаниите?
Под „алгоритамска контрола“ не се подразбира само вештачка интелигенција. Станува збор за различни дигитални алатки кои можат да преземат дел од работата на менаџерите.
Тие можат да се користат за:
- следење на работното време;
- проверка кога вработениот влегува и излегува од работните простории;
- следење на компјутерската активност;
- следење на локацијата;
- мерење на брзината со која се завршуваат задачите;
- анализа на повици и службени е-пораки;
- автоматско креирање на распоредот;
- оценување на работниот учинок.
Најчесто компаниите следат податоци директно поврзани со работата – колку време се работи, колку задачи се завршени и со какво темпо. Поретко се навлегува во почувствителни податоци, како содржина на разговори и пораки, локација или информации поврзани со замор, будност и здравје.
За менаџерите е корисно, за работниците – не секогаш
Менаџерите генерално позитивно гледаат на ваквите системи. Околу 60% од испитаниците во истражувањето на OECD сметаат дека софтверот им помага да носат подобри одлуки, бидејќи добиваат повеќе информации и можат побрзо да реагираат.
Но, истата технологија носи и сериозни дилеми.
Речиси две третини од менаџерите кои користат алгоритамско управување препознаваат барем еден значаен проблем. На пример, 28% не знаат кој е одговорен ако системот донесе погрешна одлука, додека 27% велат дека не можат лесно да објаснат зошто системот дал одредена препорака. Исто толкав процент сметаат дека физичкото и менталното здравје на работниците не се доволно заштитени.
Колку повеќе ве следат, толку повеќе расте стресот
Еден од најинтересните податоци доаѓа од анализата на Европската комисија.
Кај работниците кои се изложени на најинтензивен надзор – односно на најмалку седум различни форми на следење – 41,1% велат дека се постојано под стрес.
Кај оние кои воопшто не се дигитално следени, овој процент е значително помал – 21,9%.
Со повеќе надзор се намалува и чувството дека самиот работник има контрола врз својата работа. Кај оние без алгоритамско следење, 57,7% сметаат дека имаат големо влијание врз редоследот на задачите. Кај работниците под интензивен надзор, процентот паѓа на 46,8%.
Разлика има и кај отсуствата. Зголемување на боледувањата во претходните три години е забележано кај 18,6% од организациите што користат алгоритамско управување, наспроти 14,5% кај оние што не го користат.
Камера и GPS се една работа, компјутерот друга
Не секој вид надзор има исто влијание.
Истражувањето на JRC, објавено во јуни 2026 година, покажува дека следењето на компјутерската активност генерално има благи или неутрални врски со квалитетот на работните услови.
Многу поголема разлика има кај физичкото следење преку камери, GPS и носливи сензори. Тоа е поврзано со помала самостојност, поголем интензитет на работа, помала можност за прилагодување на работното време и почеста работа во неповолни услови.
И во Британија работниците се следат
Дека ова не е само европска статистика покажува и истражување во Велика Британија. Според податоците објавени од Guardian, една третина од британските работодавци ги следат интернет активностите на своите вработени, додека еден од седум работодавци ги евидентира или подоцна ги прегледува нивните компјутерски екрани.
Од организациите каде што менаџерите знаеле дека се врши следење, 35% ја следеле службената е-пошта.
Следењето на службените уреди го поддржале 53% од менаџерите, но 42% биле против таквата практика. Најчестите причини се недостатокот на доверба, сомнежот дека надзорот навистина ја подобрува продуктивноста и ризикот од неправедно оценување или казнување на работниците.
Дури еден од шест работници би размислил да ја смени работата доколку компанијата воведе ваков тип надзор.
А можеби веќе ве следат, без ни да знаете
Најинтересно е што дел од алатките за следење веќе се наоѓаат во програмите што компаниите секојдневно ги користат, меѓу кои Microsoft Office и Zoom. Одредени функции можат да бидат активирани од работодавачот за следење на активностите.
Тоа значи дека дигиталниот надзор повеќе не е некоја далечна футуристичка идеја. Тој веќе е дел од работното секојдневие на голем број луѓе.
Прашањето е само колку точно знае вашиот газда за тоа што правите додека сте на работа – и дали вие воопшто знаете што тој гледа.
