Според проценките на аналитичката платформа Semrush, Google во октомври имал 35,03 милиони посети од Македонија, додека YouTube забележал 20,67 милиони.
На петтото место се наоѓа ChatGPT со 3,04 милиони посети, што е за околу 25 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. Пред него е Facebook со 4,13 милиони посети, а зад него Instagram со 2,72 милиони.
Голем интерес има и за платформите за гледање серии и филмови. Страницата turskeserije.tv забележала 2,84 милиони посети, со месечен раст од 71 отсто. Во првите 20 се и domaceserije.net, filmoviplex.com, vipserije.com и videoteka.info.
Овие пет страници заедно оствариле повеќе од 7,2 милиони посети, што е повеќе од вкупниот број посети на Facebook и Instagram заедно. Над 93 отсто од сообраќајот кон нив доаѓа од мобилни телефони.
Од македонските веб-страници, единствено Time.mk се најде меѓу првите 20, на 12. место со 1,61 милион посети. Ниту еден домашен информативен портал не влезе во ова рангирање.
На листата се наоѓа и Weather.com со 1,57 милиони посети, додека страницата за спортски резултати Rezultati.com е на 20. место.
Податоците на Semrush се проценки за посетеноста на веб-страниците и не го опфаќаат сообраќајот преку мобилните апликации. Затоа, реалната употреба на социјалните мрежи како Facebook, Instagram и TikTok не може целосно да се утврди само врз основа на ова рангирање.
