Дневно сообраќаат само 157 од вкупно 341 автобуси на ЈСП „Скопје“
Актуелно

Дневно сообраќаат само 157 од вкупно 341 автобуси на ЈСП „Скопје“

18. 02. 2026.

Од вкупно 341 автобус со кои располага ЈСП „Скопје“, дневно исправни се 185, а во сообраќај се пуштаат само 157 автобуси на градските и приградските линии, пренесува СДК.мк, повикувајќи се на истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Истражувањето е спроведено врз основа на податоци од годишните извештаи на ЈСП и информации добиени преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Според објавата на СДК.мк, бројките укажуваат на континуирано намалување на капацитетите на претпријатието во последната деценија.

Во 2015 година ЈСП располагало со 430 автобуси, односно 89 повеќе од денес. Тогаш дневно исправни биле 316 автобуси, додека сега тој број е намален на 185, што претставува пад од околу 40 проценти. Во 2015 година во сообраќај излегувале 213 автобуси дневно, а сега 157.

Просечната старост на автобусите изнесува 13,3 години и е во пораст од 2021 година наваму. Намалување на просечната старост е забележано во 2020 година со набавка на 33 автобуси „МАН“, како и во 2021 година по отпишувањето на дел од постарите автобуси „Санос“. Најстари се десет автобуси „Санос“ стари околу 30 години, додека најнови се шесте еколошки автобуси „БМЦ“, донација од Европската Унија во 2025 година.

Според податоците, 63 проценти од автобусите имаат еколошки стандард Еуро 5, 12 проценти Еуро 6, а 24 проценти Еуро 4. Најбројни се автобусите „Јутонг“ – 210 возила или 62 проценти од вкупниот возен парк, потоа 64 украински „Лаз“ и 33 „МАН“.

Како што пренесува СДК.мк, бројот на превезени патници е намален од 52 милиони во 2015 година на 22 милиони годишно во моментов. Само во 2024 година бројот е намален за речиси 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони. Од почетокот на ковид-кризата наваму, годишниот број на патници е намален за повеќе од 22 милиони.

Податоците укажуваат на потреба од обновување на возниот парк и стабилизирање на јавниот превоз, додека институциите се очекува да преземат мерки врз основа на објавените анализи.

Извор: trn.mk