Во пензија дури на 74 години? Европа го продолжува работниот век, што мислат Македонците?
Актуелно

Во пензија дури на 74 години? Европа го продолжува работниот век, што мислат Македонците?

10. 08. 2026.

Да работиш до 70 години, па дури потоа да мислиш на пензија. За голем дел од работниците во Македонија ова денес звучи речиси незамисливо. А 74 години? Тоа веќе звучи како бројка од која човек прво ќе се насмее, па потоа ќе се запраша дали навистина може да стане реалност.

Токму натаму, барем според сегашните проекции, се движат дел од европските пензиски системи. Стареењето на населението, подолгиот животен век и сè помалиот број работници кои уплаќаат придонеси ги тераат државите повторно да ја отвораат непопуларната тема за подоцнежно пензионирање.

Сепак, бројката од 74 години не значи дека цела Европа утре ќе оди во пензија на таа возраст. Според анализите на ОЕЦД, најдрастичен е примерот со Данска, каде што сегашната нормална возраст од 67 години за идните генерации, според механизмите врзани со очекуваниот животен век, може да стигне до 74 години. Во Естонија проекцијата оди од околу 65 кон 71 година. Во Италија, Холандија и Шведска исто така се очекуваат граници од 70 или повеќе години.

„Нормалната возраст за пензионирање ќе се зголеми во повеќе од половина од земјите на ОЕЦД“, се наведува во анализата за идните пензиски граници.

На ниво на Европската Унија сликата е нешто помалку драматична. За мажите просечната возраст за редовно пензионирање, според сегашните правила и проекции, би се поместила од 64,7 на 66,7 години, а кај жените од околу 64 на 66,6 години. Станува збор за генерациите кои во 2024 година влегле на пазарот на трудот и кои би се пензионирале дури кон крајот на 2060-тите.

Причината е едноставна и прилично сурова математика. Сè повеќе луѓе земаат пензија подолго време, а бројот на оние што работат и уплаќаат придонеси не расте со исто темпо. ОЕЦД проценува дека до 2060 година работоспособното население во земјите членки би можело да се намали за околу осум проценти, додека односот меѓу постарото население и работоспособните ќе продолжи силно да расте.

Економистите посочуваат дека тука нема многу магија. Пензиите не доаѓаат сами од себе. Ако има помалку вработени, а повеќе пензионери, државата мора да избира меѓу повисоки придонеси, поголеми трансфери од буџетот, пониски пензии или подоцнежно пензионирање. Најчесто, велат познавачите на системот, решението е комбинација од повеќе мерки.

Во Македонија темата е особено чувствителна.

Според важечките правила, мажите стекнуваат право на старосна пензија со наполнети 64 години, а жените со 62 години, под услов да имаат најмалку 15 години пензиски стаж.

Во јавноста веќе имаше и предлози границата постепено да се крене на 67 години, но актуелните официјални услови и натаму остануваат 64 за мажи и 62 за жени.

И тука почнува македонската дилема.

Едно е да се зборува за човек кој работи во канцеларија, а сосема друго за градежен работник, возач, работник во фабрика, продавач кој осум часа стои на нозе или човек што триесет и пет години работел физичка работа.

Токму затоа економистите предупредуваат дека простото поместување на една бројка не може да биде единствената пензиска реформа. Треба да се гледа колку луѓето навистина можат да останат на пазарот на трудот, каква работа извршуваат, дали компаниите воопшто сакаат да вработуваат лица над 60 години и колку долго граѓаните остануваат здрави и работоспособни.

Зашто на хартија може да пишува и 70.

Прашањето е кој навистина може да работи до тогаш.