Официјалната потврда доаѓа откако министерот за транспорт, Александар Николоски, вчера на свеченоста по повод 15-годишнината на ТАВ Македонија најави дека е потпишан договор за субвенции за 11-тата дестинација од скопскиот аеродром – но без да ја открие дестинацијата. Сега е јасно: станува збор за Ларнака.
Линија што се враќа по ковид-паузата
Летот Скопје – Ларнака беше прекинат во 2020 година за време на пандемијата, а од тогаш не беше обновен. Сега, благодарение на субвенционираниот модел, авиокомпанијата повторно ќе ја воспостави линијата со три лета неделно во текот на целата година.
Летови со државна поддршка – по 9 евра субвенција по патник
Договорот со „Визер“ е дел од вториот јавен оглас за субвенционирање на авиолинии, за кој Владата издвои вкупно 3 милиони евра. Авиокомпаниите добиваат по 9 евра субвенција за секој патник што пристигнува на скопскиот аеродром, а договорите важат три години.
Во рамките на истиот оглас, субвенции доби и „Изиџет“, кој од април веќе лета кон Париз (Орли), а од ноември ќе стартува и линијата Скопје – Женева. „Визер“, пак, од мај лета кон Барселона и Лион, а од октомври ќе стартува и линијата кон Штутгарт.
Планови за нови дестинации – Прага и Мадрид на повидок
Во меѓувреме, се работи и на проширување на понудата. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, на прес-конференција кон крајот на април најави можност за директни летови од Скопје кон Прага и Мадрид, што би ја проширило европската мрежа на дестинации од македонската престолнина.
Од охридскиот аеродром, пак, веќе се воспоставени летови до Истанбул (со „Туркиш ерлајнс“) и Базел/Милуз (со „Визер“), со што се проширува достапноста на меѓународни летови и од западниот дел на земјата.