Што да му спакувате на детето за ужинка на училиште? 6 идеи што ќе ги обожава
Актуелно

Што да му спакувате на детето за ужинка на училиште? 6 идеи што ќе ги обожава

31. 08. 2026.

Почетокот на учебната година за родителите носи и едно секојдневно прашање: што да му спакувам на детето за ужинка?

Ужинката треба да биде вкусна, хранлива и практична за носење, но и доволно интересна за детето навистина да ја изеде. Наместо секој ден да купува кифла, бурек или сендвич, со малку подготовка дома можете да направите различни ужинки кои ќе бидат готови за само неколку минути.

Добрата вест е што дел од нив можете да ги подготвите однапред, па дури и да ги замрзнете и да ги користите во текот на неделата.

Што треба да содржи една добра школска ужинка?

Идеалната ужинка не мора да биде комплицирана. Најдобро е да комбинира неколку групи намирници – јаглехидрати за енергија, протеини за ситост и овошје или зеленчук.

Добар избор се интегралниот леб и тортиљите, јајца, сирење и јогурт, како и свежо овошје и зеленчук.

За пијалак, наједноставниот избор е вода, а доколку детето сака нешто дополнително, може да понесете домашен несладок компот.

Сепак, важно е да внимавате и на тоа што ќе стои неколку часа во ранецот. Намирниците што лесно се расипуваат, особено млечните производи и јадењата со месо, треба да се чуваат на соодветна температура, па за нив е практично да користите мала ладилна торба или елемент за ладење.

1. Тортиља ролнички

Ако детето сака сендвичи, но сакате малку да ја промените формата, тортиља ролничките се одлична идеја.

Во тортиља можете да ставите крем-сирење, кашкавал, зелена салата, рендан морков и краставица. За оние кои јадат месо, може да додадете печено пилешко или мисиркино месо.

За вегетаријанска варијанта, одлично функционира комбинација од хумус, сирење, краставица, морков и зелена салата.

Цврсто завиткајте ја тортиљата и исечете ја на помали парчиња. Така детето полесно ќе ја јаде, а и помала е веројатноста да се истури филот.

2. Домашни сендвичи, но малку поинакви

Сендвичот е класика за училишна ужинка, но не мора секогаш да биде ист.

Користете интегрален или полнозрнест леб и комбинирајте различни состојки:

  • крем-сирење и краставица;
  • кашкавал и тенки парчиња јаболко;
  • јајце и зелена салата;
  • хумус и свеж зеленчук;
  • туна, пченка и зелена салата.

Ако детето не сака мешани сендвичи, можете да му спакувате едноставен сендвич со сирење, а во посебна кутија да додадете краставица, морков, пиперка или овошје. Така само ќе избере што сака да јаде.

3. Пица-ролнички

Пицата е омилена кај речиси сите деца, но парче пица не е баш најпрактичната ужинка за во училиште. Затоа направете мини пица-ролнички.

Подгответе тесто како за пица, развлечете го во правоаголна форма и премачкајте го со малку доматен сос. Додадете рендан кашкавал и, по желба, ситно сечкана шунка, пилешко или зеленчук.

Завиткајте го тестото во ролат и исечете го на парчиња со дебелина од околу 2-3 сантиметри. Наредете ги на хартија за печење и печете ги на 180 степени околу 20-25 минути, односно додека не добијат златна боја.

Практичен трик: направете поголема количина. Откако ќе се изладат, дел можете да ги замрзнете. Така, кога ќе ви треба ужинка, само вадите онолку парчиња колку што ви се потребни и ги одмрзнувате.

4. Солени мафини со јајца и зеленчук

Ова е една од најпрактичните ужинки бидејќи може да се направи поголема количина и да трае неколку дена.

Потребни ви се јајца, малку сирење или кашкавал и ситно сечкан зеленчук по избор – брокула, морков, пиперка, тиквичка или спанаќ. Измешајте ги состојките, сипете ја смесата во калапи за мафини и печете околу 20 минути на 180 степени.

Солените мафини се вкусни и топли и ладни, па се идеални за училишна ужинка.

5. Овесна каша со овошје

Овесната каша е едноставна, хранлива и брза за подготовка, а може да се прилагоди според вкусот на детето.

Сварете овесни снегулки со млеко или вода, а потоа додадете банана, јаболко, круша или друго овошје кое детето го сака. За дополнителен вкус може да ставите малку цимет, а доколку детето јаде јаткасти плодови, можете да додадете и малку мелени ореви или бадеми.

Кашата ставете ја во добро затворена кутија и оставете ја да се излади пред да ја спакувате. За помалите деца, овошјето можете да го исечете на ситни парчиња или да го изгмечите и измешате со кашата.

Практична идеја: овесната каша можете да ја подготвите и одвечер, па наутро само да ја ставите во кутијата. Така ќе имате готова ужинка без дополнително утринско готвење.

6. Варени јајца, зеленчук и овошје во кутија

Ако немате време за готвење, ова е наједноставната и најхранлива комбинација.

Во кутијата ставете едно или две варени јајца, стапчиња од краставица, морков или пиперка, неколку коцки сирење и парче овошје – јаболко, круша или грозје.

Оваа ужинка обезбедува протеини, витамини и влакна, лесно се подготвува за неколку минути и добро издржува во ранецот до големиот одмор.

А што ако детето не сака да носи ужинка од дома?

Понекогаш проблемот не е во храната, туку во тоа што детето едноставно не сака да јаде нешто различно од другите.

Во таков случај, вклучете го во подготовката. Дозволете му само да избере дали сака сендвич, тортиља или пица-ролнички, а потоа заедно одберете што ќе има внатре.

И начинот на кој е спакувана храната може да направи разлика. Шарена кутија со неколку мали прегради, овошје исечено на интересни форми или мала порака во кутијата можат да ја направат ужинката поинтересна.

Најважно е детето да има избор и да не ја доживува ужинката како нешто што мора да го изеде затоа што „така треба“.

Со неколку едноставни рецепти и малку организација, школската ужинка може да биде и вкусна и разновидна, а родителите да не мораат секое утро одново да размислуваат што да стават во ранецот.