По примерот на Австралија, која веќе воведе забрана за користење социјални медиуми за лица под 16 години, сè повеќе европски земји размислуваат за слични чекори. Дебатата се интензивира и на ниво на Европската Унија, каде што се разгледува воведување минимална возраст за пристап до платформите како Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Јутјуб.
Загриженоста не е без основа. Експертите и институциите сè почесто предупредуваат дека социјалните мрежи имаат сериозно влијание врз менталното здравје на младите, поттикнувајќи сајбер-малтретирање, зависност и нереални стандарди за изглед и успех. Дополнително, неодамнешна пресуда во САД против Meta повторно ја отвори темата, откако беше утврдено дека компанијата свесно ги изложувала децата на штетни содржини.
Сепак, мислењата меѓу граѓаните се поделени.
Во Франција, Марго од Лион, која пораснала со социјалните медиуми, смета дека ограничувањата имаат смисла. Таа сведочи за негативни искуства, вклучително и онлајн малтретирање, и верува дека младите треба да бидат заштитени. Но, истовремено предупредува дека целосна забрана не е долгорочно решение. Според неа, клучната улога ја имаат родителите и образованието.
Сличен став има и студентот Ханиф Ибрахим, кој оценува дека забраната може да биде корисна, но премногу строга. Тој предупредува дека младите треба постепено да се учат како да ги користат дигиталните алатки, наместо целосно да бидат отсечени од нив.
Во Белгија, пак, поддршката за построги мерки е поизразена. Дел од граѓаните сметаат дека ограничувањата треба да се воведат на ниво на цела Европа, поради растечките проблеми со депресија и притисок кај младите. Здравствените работници особено алармираат дека секојдневно гледаат последици од прекумерната употреба на социјалните мрежи.
Во Обединетото Кралство, скептицизмот е понагласен. Дел од граѓаните сметаат дека забраните лесно ќе се заобиколат, особено од технолошки писмените млади. Наместо тоа, тие предлагаат поголема одговорност кај самите платформи и подобра регулација на содржината.
Португалија веќе направи чекор напред, со закон што го ограничува пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години без родителска согласност. Таму, многумина ја поддржуваат мерката, сметајќи дека прекумерната изложеност на дигитални содржини може да биде штетна за развојот на децата. Но, и таму постојат гласови кои предупредуваат дека секое решение мора да ги земе предвид индивидуалните околности и семејната средина.
И покрај различните ставови, едно е заедничко за речиси сите, сегашниот модел на социјалните мрежи, кој се потпира на алгоритми што создаваат зависност и максимално задржување на вниманието, треба да се промени.
Додека европските влади ги разгледуваат следните чекори, јасно е дека оваа дебата допрва ќе се интензивира. Прашањето не е само дали да има забрана, туку како да се најде баланс меѓу заштитата на младите и нивната дигитална слобода.
