Додека светот дебатира дали вештачката интелигенција ќе им ги одземе работните места на луѓето, анализата на огласите објавени на Vrabotuvanje.com.mk во првата половина на 2026 година покажува дека промените на пазарот на труд веќе се случуваат. Податоците откриваат значителни разлики во побарувачката меѓу одделни професии и сектори: додека компаниите објавуваат сè помалку огласи за маркетинг, ПР и медиуми, расте потребата од професионалци кои треба да регрутираат, организираат и водат луѓе.
Бројките покажуваат дека категоријата „Маркетинг, ПР и медиуми“ во првата половина на 2026 година изгубила речиси 30 проценти од огласите, токму во период кога алатките за вештачка интелигенција веќе самостојно создаваат реклами, визуали и содржини за социјалните мрежи.
Компаниите и понатаму комуницираат, огласуваат и создаваат содржина, но за тоа веќе не им е потребен ист број луѓе.
Компаниите бараат луѓе што ќе водат тимови
Додека маркетингот се стеснува, сосема спротивен тренд се забележува кај позициите поврзани со управување со луѓе:
- Менаџмент: +12%
- Човечки ресурси: +14,5%
Пораката е јасна: содржината може да ја генерира алгоритам, но луѓето сè уште не можат да бидат мотивирани, регрутирани и задржани со помош на промпт. Затоа компаниите сè повеќе инвестираат во лидерство и HR-професионалци – области во кои човечката проценка останува клучна.
Администрацијата не исчезнува, туку се менува
Истата логика важи и за администрацијата. Иако често се прогнозира дека токму административните работни места ќе бидат меѓу првите погодени од автоматизацијата, бројките покажуваат поинаква слика.
Категоријата „Административни професии“ пораснала од 485 на 495 огласи (+2%). Тоа укажува дека овие позиции не исчезнуваат, туку нивната улога се трансформира – од рутинско внесување податоци кон организација, координација и управување со процеси.
Јавниот сектор има најголем пад
Вкупниот број огласи во првата половина на 2026 година изнесува 8.173, наспроти 8.555 во истиот период лани – пад од 4,5 проценти.
Најголем придонес кон тоа намалување доаѓа од јавниот сектор. Категоријата „Државна служба и непрофитни организации“ забележала пад од дури 45 проценти – од 519 на 284 огласи.
Дел од објаснувањето лежи и во фактот што 2025 година беше изборна година, кога традиционално се отвораат повеќе позиции во институциите и јавните претпријатија. Во 2026 година бројките повторно се враќаат на вообичаеното ниво.
Секторите што растат
Наспроти падот во маркетингот и јавниот сектор, областите во кои човечкиот фактор останува незаменлив бележат силен раст:

Продажбата останува број еден
И покрај благ пад од пет проценти (2.663 → 2.537 огласи), категоријата „Продажба“ и понатаму е најголем сегмент на пазарот на труд и сочинува речиси една третина од сите објавени работни места.
Заклучок
Приказната за пазарот на труд во 2026 година не е приказна за пад, туку за преструктурирање.
Вештачката интелигенција веќе презема дел од задачите во маркетингот, ПР и создавањето содржини, поради што компаниите имаат потреба од помал број луѓе во тие области. Истовремено, расте побарувачката за менаџери, HR-експерти и административен кадар – професии што бараат лидерство, организација и работа со луѓе.
Пазарот се менува, но засега едно останува непроменето: технологијата може да помогне во работата, но сè уште не може да ја замени способноста да се водат луѓе и да се гради организациска култура.
