Портпарол на Стејт департментот синоќа соопшти дека во сите американски амбасади и конзулати е започната глобална програма за обука. Поради нејзиното спроведување, термините за визи ќе бидат приспособени и одложени.
Од Стејт департментот засега не откриваат колку долго ќе трае обуката, ниту објавија дополнителни детали за нејзината содржина. Единствено посочија дека целта е конзуларните службеници подобро да ги идентификуваат и одбиваат апликантите за кои се проценува дека би можеле да станат зависни од социјалната помош во САД, како и сите апликации да се разгледуваат „сеопфатно и доследно“.
„Фајненшл тајмс“ прв објави дека состаноците се суспендирани. Според информациите на весникот, кандидатите за имигрантски визи кои веќе имале закажани термини во американските амбасади и конзулати добиле известување по електронска пошта дека нивните состаноци се одложени и ќе бидат презакажани.
Овој потег е дел од пошироката имиграциска политика на Трамп, која во неговиот втор мандат вклучува масовни депортации и построги мерки за имиграција. Меѓу нив се и одземање визи и зелени карти, како и одбивање апликации по различни основи, вклучително и поради политички ставови или учество во пропалестински протести.
Трамп тврди дека овие мерки се воведуваат за зајакнување на безбедноста на САД. Сепак, дел од политиките на неговата администрација веќе се соочија со правни пречки. Американски федерален судија во петокот ја поништи мерката со која администрацијата на Трамп ги суспендираше имигрантските визи за апликанти од 75 земји, оценувајќи дека со неа биле надминати законските овластувања на државниот секретар Марко Рубио.
Имиграциската политика на Трамп е остро критикувана и од бројни организации за човекови права. Тие сметаат дека дел од мерките се дискриминаторски и дека ги нарушуваат правото на слобода на говор и правото на правично судење. Организациите предупредуваат и дека таквите политики создале чувство на несигурност, особено кај припадниците на етничките малцинства кои стравуваат од расно профилирање.
Иако во претседателската кампања во 2024 година Трамп ветуваше дека ќе стави крај на нелегалната имиграција, неговата администрација во меѓувреме воведе мерки што го отежнуваат и легалното доселување во САД. Меѓу нив се и нови, значително повисоки такси за кандидатите за одредени работни визи.
