За споредба, во учебната 2016/2017 година во прво одделение биле запишани 23.266 деца. Во следните години бројката постепено се намалувала – во 2023/2024 имало 19.848 првачиња, во 2024/2025 година 19.452, а во 2025/2026 година бројот се намалил на 17.921.
Ако до крајот на септември нема значително зголемување на бројот на запишани деца, разликата во однос на пред десет години ќе достигне речиси 9.000 првачиња.
Интересна е и споредбата со бројот на родени деца. Најголемиот дел од децата кои оваа година треба да тргнат во прво одделение се родени во 2020 година, кога во Македонија биле регистрирани 19.031 живородено дете. Во однос на тоа, досегашните околу 14.500 запишани првачиња претставуваат разлика од приближно 4.500 деца.
Сепак, оваа разлика не може автоматски да се припише на иселувањето. Уписите не се завршени, а врз конечниот број влијаат и други фактори. Податоците, сепак, отвораат прашање колкав дел од генерацијата родена во земјава денес живее во странство.
Демографскиот пад веќе има последици и врз функционирањето на образовниот систем. Според министерката Јаневска, во новата учебна година има околу 200 паралелки помалку во основното образование, а во средните училишта бројот е намален за околу 100 паралелки.
Особено загрижувачка е состојбата во руралните средини. Во дури 26 селски училишта годинава нема запишано ниту едно прваче, поради што се најавува можност дел од овие училишта да престанат со работа.
Во исто време, намалувањето на бројот на ученици не е проследено со соодветно намалување на наставниот кадар. Во учебната 2023/2024 година во Македонија работеле 955 редовни основни училишта со 18.831 наставник. Две години подоцна, во 2025/2026, бројот на основни училишта бил намален на 927, додека бројот на наставници се зголемил на 19.461.
Тоа значи дека за само три години Македонија има 28 основни училишта помалку, но повеќе од 600 наставници повеќе.
Од Министерството за образование и наука велат дека наставниците кои се вработени на неопределено време нема да бидат отпуштени. Како едно од можните решенија за подобро искористување на постојниот кадар се посочува проширувањето на целодневната настава.
Проблемот, сепак, не е подеднакво изразен во сите делови на земјата. Додека во руралните средини има сè помалку деца, па дури и училишта без ниту едно прваче, во одредени делови од Скопје има потреба од дополнителни училници и наставници.
Тоа покажува дека врз бројот на учениците не влијаат само намалениот наталитет и иселувањето од земјата. Значаен фактор е и внатрешната миграција, односно преселувањето на населението од помалите и руралните места кон Скопје и другите поголеми градови.
Конечната бројка на првачиња за учебната 2026/2027 година ќе биде позната по завршувањето на уписите во септември. Тогаш ќе може попрецизно да се утврди колкава е разликата меѓу бројот на деца родени во Македонија во 2020 година и оние кои шест години подоцна навистина ќе седнат во училишните клупи.
