Според последните информации на Автомото сојузот на Македонија, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но интензитетот надвор од градските средини е веќе зголемен. Подолги задржувања официјално не биле регистрирани од македонската страна, но состојбата на границите во летната сезона може целосно да се промени за помалку од еден час.
Дополнителен фактор ова лето е европскиот систем за влез и излез – ЕЕС, кој од 10 април е целосно оперативен на надворешните граници на Шенген-зоната. Наместо класично печатење на пасошите, системот електронски ги проверува и регистрира патниците, а при првата регистрација може да бидат земени фотографија и отпечатоци од прстите. При голем број возила и автобуси, ваквата постапка може значително да го забави протокот.
Богородица – Евзони: најкраткиот, но најризичниот избор
Преминот Богородица – Евзони останува најбрзата и најдиректната маршрута за патниците од Скопје, Велес, Штип и централниот дел на земјата кои патуваат кон Солун, Олимписката Ривиера или Халкидики.
Истовремено, ова е и најоптоварениот премин. Тука се спојуваат македонските патници со голем број туристи од Србија и од земјите во Централна Европа, како и со автобуси и транзитен сообраќај по Коридорот 10.
Податоците од досегашниот тек на летната сезона покажуваат дека задржувањата на Евзони може нагло да пораснат, особено кога поголема група туристички автобуси ќе пристигне истовремено. Во најоптоварените периоди регистрирани се чекања од два и повеќе часа.
За преминување преку Богородица, најбезбедна стратегија е на границата да пристигнете пред 6 часот наутро, а не во тој период да тргнете од Скопје. Најмирни обично се часовите по полноќ и рано наутро. Ризикот се зголемува од 7 до 12 часот, кога пристигнува главниот туристички бран.
На автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, важи времен режим поради активности за преминување на интерконективниот гасовод под автопатот. Поставена е сигнализација, но возачите треба да очекуваат можно забавување.
Дојран – Дојрани: најразумната алтернатива за Солун и Халкидики
Доколку на Богородица веќе има долга колона, преминот кај Стар Дојран во голем број случаи е најпрактичната алтернатива. До него се стигнува преку исклучувањето кон Валандово и регионалниот пат кон Дојран, а од грчката страна патот продолжува кон Кукуш и Солун.
Маршрутата е подолга и има повеќе регионални делници, но преку Дојран има значително помалку товарни возила и автобуси. Токму затоа, дополнителните километри може да бидат подобар избор од повеќечасовно стоење на Евзони.
Дојран е особено практичен за патниците кон источниот дел на Солун, аеродромот и дел од летувалиштата на Халкидики. Сепак, преминот има помал капацитет, поради што и таму може да се создаде колона кога голем број возачи истовремено ќе се пренасочат од Богородица.
Одлуката треба да се донесе пред да се помине исклучувањето кон Валандово и Дојран. Доколку веќе пристигнете пред колоната на Богородица, враќањето и пренасочувањето може да одземе дополнително време.
Меџитлија – Ники: најмирниот премин, но не за секоја дестинација
Меџитлија – Ники традиционално има најмал интензитет од трите премини кон Грција. Податоците од патниците во текот на летото покажуваат дека преминувањето најчесто трае од пет до петнаесет минути, вклучително и во голем дел од викендите.
Овој премин е најдобар избор за жителите на Битола, Прилеп, Ресен и Охрид, како и за патниците кои се упатуваат кон Лерин, Костур, Птолемаида и западниот дел на северна Грција.
За патување од Скопје кон Солун или Халкидики, Меџитлија претставува значително заобиколување и треба да се користи само при сериозен застој или затворање на другите премини.
Возачите кои пристигнуваат преку Прилеп треба да имаат предвид дека поради изградбата на Коридорот 10д е воведен времен режим на патот Прилеп – Битола. Сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат на делот меѓу клучката Лагово и Тополчани, што може да го продолжи патувањето.
Не е доволно само рано да тргнете
Најчеста грешка е голем број возачи да тргнат од Скопје околу 6 или 7 часот, сметајќи дека патуваат рано. Во реалноста, тие пристигнуваат на границата токму кога почнува најголемиот бран.
За петок и сабота подобро е на преминот да пристигнете меѓу полноќ и 6 часот или да го одложите патувањето за попладневните и вечерните часови. При враќањето од Грција, најголем ризик има во сабота попладне и навечер, како и во недела кога започнува масовното враќање кон Македонија и Србија.
Пред поаѓањето треба да се проверат информациите од АМСМ, снимките од камерите и навигацијата во реално време. Податоците од апликациите што ги внесуваат патници треба да се користат само како ориентација, бидејќи може да бидат нецелосни или да се однесуваат само на едната страна од границата.
Дополнителни забавувања се можни и по преминувањето на границата. На обиколницата околу Солун продолжуваат работите на проектот „Флајовер“, поради што периодично се воведуваат ограничувања и пренасочувања. Патниците кон Халкидики треба да проверат дали навигацијата предлага поминување низ градот, по обиколницата или по алтернативни локални патишта.
Практичното правило за викендот е едноставно: Богородица е најбрза кога нема колона, Дојран е најдобрата резерва за Солун и Халкидики, а Меџитлија е најмирниот избор за патниците од Пелагонија и за дестинациите во западниот дел на северна Грција.
Извор:racin.mk
