Африкански топлотен бран ја зафаќа Европа, еве какво време ја очекува Македонија
Актуелно

Африкански топлотен бран ја зафаќа Европа, еве какво време ја очекува Македонија

19. 06. 2026.

Западна и Југозападна Европа од недела, 21 јуни, па најмалку до среда, 24 јуни, ќе бидат погодени од силен топлотен бран од Африка, кој ќе донесе екстремно високи температури на воздухот.

Според најавите на метеоролозите, во делови од Шпанија и Франција температурите ќе достигнат меѓу 43 и 44 степени Целзиусови, додека на многу места ќе надминат 40 степени.

Станува збор за температури кои се значително над просекот за овој период од годината и на одредени локации ќе бидат повисоки за повеќе од 15 степени од вообичаените вредности за јуни.

Покрај екстремната жештина, делови од Европа и во наредните денови ќе бидат изложени на локални, но силни временски непогоди. Метеоролозите предупредуваат на можност од развој на суперкелиски бури, кои во одредени случаи можат да предизвикаат и појава на торнадо.

За разлика од западниот дел на континентот, Македонија засега останува надвор од влијанието на екстремен африкански топлотен бран.

Во наредните денови температурите во земјава ќе се движат меѓу 27 и 35 степени, додека во Повардарието и во југоисточните региони локално ќе достигнат до 36 и 37 степени Целзиусови.

Според актуелните прогнози, во Македонија во моментов нема најава за екстремни горештини какви што ќе бидат забележани во делови од Западна Европа.

Извор: skopjeinfo.mk