Меѓу лековите на кои треба да се внимава се диуретиците, односно „апчињата за мокрење“, бидејќи го зголемуваат исфрлањето на течности од организмот. Внимание е потребно и со одредени лекови за крвен притисок, вклучително и бета-блокатори, кои можат да влијаат врз способноста на организмот да се приспособи на високите температури.
Одредени антидепресиви и антипсихотици исто така можат да влијаат врз терморегулацијата и да го зголемат ризикот од прегревање и дехидрација.
Дополнителен проблем е фотосензитивноста – зголемена чувствителност на сончева светлина. Таа може да се појави при употреба на одредени антибиотици, лекови против акни, антифунгални терапии и некои лекови за ревматски заболувања. Кај оваа група спаѓаат, меѓу другите, доксициклин, тетрациклин, изотретиноин, метотрексат и азатиоприн. И некои лекови без рецепт, како ибупрофен и напроксен, можат да ја зголемат чувствителноста на сонце.
Важно: терапијата не треба да се прекинува или менува самостојно. Доколку земате хронична терапија, за време на топлотен бран консултирајте се со лекар или фармацевт за дополнителните мерки на претпазливост.
