Ер Србија меѓу 100-те најдобри авиокомпании во светот
Актуелно

Ер Србија меѓу 100-те најдобри авиокомпании во светот

19. 06. 2025.

Во рамките на престижниот годишен избор на најдобрите светски авиокомпании – World Airline Awards, кој веќе повеќе од 25 години го организира угледниот британски специјализиран портал Skytrax, а врз основа на оценките и искуствата на патници од целиот свет, Ер Србија за првпат се пласираше меѓу 100-те најдобри авиокомпании во светот.

Националната авиокомпанија на Република Србија го зазеде третото место во категоријата најдобри регионални авиокомпании во Европа и 18-тото место во категоријата најдобри регионални авиокомпании во светот. Ер Србија го зазема и третото место во категоријата најдобри авиокомпании во Источна Европа.

Air Serbia

„Пласманот меѓу 100-те најдобри авиокомпании во светот претставува исклучителен успех за Ер Србија. Горди сме што нашата работа и унапредувањето на услугата се препознаени во рангирањето на еден од најугледните светски специјализирани портали. Особено нè радува тоа што, покрај влегувањето во ТОП 100, сме високо пласирани во категоријата најдобри регионални авиокомпании во Европа и што напредувавме на листата на најдобрите регионални авиокомпании во светот. И оваа година ја задржавме високата позиција во категоријата најдобри авиопревозници во Источна Европа. Продолжуваме да вложуваме во флотата, мрежата на дестинации и корисничкото искуство, со цел да им овозможиме на патниците сè поквалитетна услуга и дополнително да ја зајакнеме позицијата на Ер Србија на меѓународниот пазар“, изјави Јиржи Марек, генерален директор на Ер Србија.

Овогодинешното истражување беше спроведено во периодот од септември 2024 до мај 2025 година и опфати патници од повеќе од стотина земји, кои ги оценуваа услугите на преку 325 авиокомпании ширум светот. World Airline Awards се сметаат за најпрестижните признанија во авиоиндустријата, бидејќи претставуваат единствено глобално мерило на извонредност засновано исклучиво на реалните искуства и оценки од патниците. Овие награди се резултат на најголемото и најсеопфатното истражување за задоволството на патниците и поради тоа претставуваат своевидни индикатори за квалитетот и доверливоста на авиокомпаниите на меѓународно ниво.