Жичницата на Водно нема да работи цело лето – откриени сериозни дефекти и ризик од паѓање на гондола
Актуелно

Жичницата на Водно нема да работи цело лето – откриени сериозни дефекти и ризик од паѓање на гондола

08. 05. 2026.

Жичницата на Водно нема да биде пуштена во употреба во текот на целото лето, откако при вонреден увид биле утврдени сериозни технички недостатоци и ризици по безбедноста на патниците, изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Според него, 15 години по пуштањето во употреба, жичницата никогаш не била целосно сервисирана од австрискиот производител „Допелмаер“, што довело до оштетувања кои можеле да предизвикаат сериозна несреќа.

Жичницата беше затворена на 25 април, кога од ЈСП „Скопје“ информираа дека прекинот ќе трае два дена. Но, по проверките што ги извршил тим од „Допелмаер“, градските власти одлучиле таа да остане надвор од функција.

„Побарав да дојдат претставници на ‘Допелмаер‘, по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Биле барани понуди од фирмата, но ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, изјавил Ѓорѓиевски.

Од ЈСП „Скопје“ сега очекуваат австриската компанија да достави понуда за целосно сервисирање и санација на системот.

„Колку точно ќе трае сервисирањето не можеме да кажеме, чекаме да ја добиеме понудата од ‘Допелмаер‘, но сигурно е дека летово нема да работи“, додал градоначалникот.

Темата дополнително ја отвори дебатата за безбедноста на жичниците, особено по трагичните несреќи во регионот и Европа. Минатата година четири лица загинаа во Италија по пад на кабина од жичница во Неапол, додека на Дурмитор во Црна Гора загина германски турист кој испаднал од гондола.

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Ја изгради австриската компанија „Допелмаер“, а проектот чинеше 6,7 милиони евра.

Системот располага со 28 кабини со капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини, а дел од гондолите се опремени и со држачи за велосипеди.

Извор: skopjeinfo.mk