ДОМА, ВО РЕСТОРАН ИЛИ НА ПАТУВАЊЕ: Колку пари планираат да потрошат граѓаните за Нова година?
Актуелно

ДОМА, ВО РЕСТОРАН ИЛИ НА ПАТУВАЊЕ: Колку пари планираат да потрошат граѓаните за Нова година?

12. 12. 2025.

Од неколку илјади денари до неколку илјади евра ќе потрошат граѓаните за прославата на Нова година. Оние кои ќе останат дома, ќе поминат со помала сума, додека другите кои ќе одат на патувања на далечни дестинации со семејството, ќе потрошат илјадници евра.

Граѓаните кои ќе бидат дома со најблиските велат дека за храна и пијалоци ќе одвојат најмалку 100 евра.

„За Нова година ќе бидам дома. Така е со години, не одам никаде. Некогаш каниме пријатели, зависи. Би потрошила до 100 евра“, рече Даниела Станковиќ, граѓанка.

Младите сакаат за најлудата ноќ да бидат во ресторан, но велат дека годинава цените се повисоки од лани. Што се однесува до цените во кафеаните, во некои од помалите градови има понуди за дочекот кои чинат 1.800 или 1.900 денари, но во поголемите градови цените се од 2.500 денари па нагоре. Поскапо ќе треба да платите ако сакате за Нова година да бидете во Охрид. Истото важи и за главниот град. Дел од македонските градови ќе имаат и прослави на плоштадите со познати пејачи.

„Искрено по кафеаните е многу скапо, поскапо е од лани. Планирам да одвојам до 5.000 или 6.000 денари за прослава со друштвото, а ако сметаме сосе трошоците за купување на гардероба за таа вечер, ќе биде и повеќе“, објаснува младата Анита Трајковска.

Граѓаните се трудат за Нова година да имаат богата трпеза.

„Не одам никаде, ќе останам дома. Најмалку 150 евра ако не и повеќе ќе требаат за храна и пијалоци за таа вечер“, кажа Анета Петковска, граѓанка.

Дел од луѓето објаснуваат дека кога се во можност, за Нова година порачуваат печено прасе или печено јагне.

„Ќе бидам дома со децата и внуците. Немам направено план колку ќе ме чини прославата во домашни услови. Дури и да не е Нова година, и да е друг празник, ако имаме пари купуваме печено прасе, ако немаме за прасе, купуваме скара. Ако сме повеќе луѓе, повеќе пари ќе потрошиме“, рече Гордана Николовска, граѓанка.

Патувањата на егзотичните места се поскапи. Тие чинат над 1.000 евра по лице. Од туристичките агенции велат дека Малдиви, Бали се егзотични, но скапи дестинации. Дел од граѓаните таму ќе ја дочекаат Новата година. 

Во светски рамки, се смета дека луѓето во САД, ОАЕ, Обединетото Кралство ќе потрошат многу пари за дочекот на Новата 2026 година. Податоците укажуваат дека во големите градови како Њујорк и Лас Вегас, луѓето трошат многу на луксузни ресторани, забава и хотелски престој, а просечната цена за двојка за вечера се предвидува да биде над 770 американски долари.

Извор: faktor.mk