Од вкупно пријавените за августовскиот рок, 1.328 кандидати се за државна матура, 126 за стручна, а шест за уметничка матура, информира Државниот испитен центар.
Првиот испит е закажан за 12 август и ќе биде изборниот екстерен предмет – математика или англиски јазик. На 14 август следува задолжителниот испит по мајчин јазик и литература. За другите странски јазици и за историја, која се полага во рамките на уметничката матура, нема пријавени кандидати.
Покрај редовно пријавените, августовската сесија ќе биде нова шанса и за 226 матуранти чии испити од јуни биле поништени. Кај дел од нив било констатирано препишување или користење недозволени средства за време на полагањето, додека кај други неправилностите биле откриени при прегледувањето на тестовите.
Поради значително помалиот број кандидати, испитите овојпат ќе се одржуваат во четири градови и на осум локации. Во Скопје ќе има испитни места на Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет, како и во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“. Полагање е предвидено и во Тетово, Прилеп и Штип.
За споредба, во јунската сесија биле пријавени 14.587 ученици – 12.184 за државна, 2.276 за стручна и 127 за уметничка матура. На испитите не се појавиле 348 кандидати.
Просечната оценка од трите типа матура во јунскиот рок била 3,66. Кај државната матура просекот изнесувал 3,62, кај стручната 3,91, а кај уметничката 3,59.
По објавувањето на резултатите биле поднесени 805 приговори, а 133 ученици извршиле увид во своите тестови.
