Тоа била првата употреба на нуклеарно оружје во војна и настан што ја отворил нуклеарната ера. Годинава се навршуваат 81 година од бомбардирањето.
Како дошло до нападот?
До летото 1945 година Германија веќе капитулирала, но Јапонија продолжила да одбива безусловна капитулација. Американското раководство проценувало дека евентуална копнена инвазија би донела огромни човечки загуби.
По успехот на тајниот Менхетн проект, претседателот Хари Труман ја издал Потсдамската декларација, со која од Јапонија било побарано да се предаде. По одбивањето, била донесена одлука за употреба на атомската бомба.
Утрото кога Хирошима беше уништена
На 6 август „Инола Геј“, под команда на Пол Тибетс, ја фрлила „Литл Бој“, бомба тешка околу 4,5 тони, со експлозивна сила од приближно 12,5 килотони ТНТ.
Огромната топлина и ударниот бран уништиле речиси пет квадратни километри од центарот на градот. Илјадници луѓе загинале веднаш, а други биле тешко изгорени или затрупани под урнатините.
Три дена подоцна, на 9 август, САД ја фрлиле втората атомска бомба врз Нагасаки. Истовремено, Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Јапонија. На 15 август императорот Хирохито ја објавил капитулацијата на Јапонија.
Дебата која трае и денес
Одлуката за употреба на атомските бомби и понатаму е една од најконтроверзните теми во историјата. Поддржувачите сметаат дека нападите ја скратиле војната и спречиле уште поголеми жртви при копнена инвазија. Критичарите, пак, ги сметаат бомбардирањата на градови со големо цивилно население за морално неприфатливи.
По 1945 година биле извршени над 2.000 нуклеарни тестови, а светот развил арсенали многу помоќни од бомбите употребени во Јапонија.
Денес Хирошима е симбол на мирот и предупредување за опасностите од нуклеарното оружје. Приказните на преживеаните – хибакуша – остануваат потсетник дека последиците од нуклеарната војна не се само историски факт, туку опасност која и понатаму постои.
81 година подоцна, Хирошима останува едно од најсилните предупредувања дека цената на нуклеарната војна секогаш ја плаќаат луѓето.
