Lonely Planet открива: 25 места што треба да ги посетите во 2027
Актуелно

Lonely Planet открива: 25 места што треба да ги посетите во 2027

25. 09. 2026.

Lonely Planet ја објави својата традиционална листа „Best in Travel 2027“, во која се издвоени 50 препораки за патниците – 25 дестинации и 25 патувачки искуства што вреди да се имаат предвид во следната година.

Изборот за 2027 година покажува дека интересот сè повеќе се насочува кон места со помалку туристички гужви, автентично локално искуство и дестинации кои сè уште не се целосно преплавени со масовен туризам.

Меѓу препорачаните места е Монсерат, карипски остров познат по црните вулкански плажи и планинските предели. Од САД се издвојува Мериленд, особено поради природата, крајбрежјето и морската храна, додека во Канада се препорачани Квебек и Островот Принц Едвард.

Азија со низа интересни избори

На азискиот континент се најдоа Ченгду во Кина, Окинава во Јапонија, Гуџарат во Индија и Дананг во Виетнам.

Ченгду е познат по пандите, чајџилниците и гастрономијата, но и по поспориот начин на живот. Окинава, пак, се издвојува со својата суптропска островска култура, која значително се разликува од онаа во другите делови на Јапонија.

Интересен избор се и Малдивите, но Lonely Planet не ги насочува патниците кон класичните луксузни ресорти. Наместо тоа, го издвојува островот Фулиду, кој нуди подостапно и полокално искуство.

Африка и Европа

Во Африка се препорачани националните паркови Цаво Исток и Цаво Запад во Кенија, како и Рабат во Мароко.

Цаво се издвојува како сафари-дестинација со огромни природни пространства и помал број туристи, додека Рабат е претставен како помирна алтернатива на популарниот Маракеш.

За патниците од Македонија особено интересен е изборот на Шибеник во Хрватска. Градот е издвоен како јадранска дестинација каде има значително помалку гужви во споредба со Дубровник и Сплит.

Lonely Planet ги издвојува стариот град, тврдините, локалната гастрономија и близината до Националниот парк Крка. Шибеник има и две локации под заштита на УНЕСКО – катедралата „Св. Јаков“ и тврдината „Св. Никола“.

Европската листа ја дополнуваат Венето во Италија, Десау во Германија, Леон во Шпанија и Сканер-Фалстербо во Шведска.

Меѓу подалечните избори се Нова Каледонија, регионот Твид во Австралија и Данидин и Ваитаке во Нов Зеланд.

25-те дестинации на Lonely Planet за 2027:

  • Квебек, Канада
  • Северното крајбрежје на Калифорнија и парковите со секвои, САД
  • Мериленд, САД
  • Островот Принц Едвард, Канада
  • Ново Мексико, САД
  • Венето, Италија
  • Десау, Германија
  • Сканер-Фалстербо, Шведска
  • Шибеник, Хрватска
  • Леон, Шпанија
  • Монсерат
  • Барилоче и околните езера, Аргентина
  • Гранада, Никарагва
  • Бокас дел Торо, Панама
  • Оман
  • Рабат, Мароко
  • Цаво Исток и Цаво Запад, Кенија
  • Данидин и Ваитаке, Нов Зеланд
  • Твид, Австралија
  • Нова Каледонија
  • Окинава, Јапонија
  • Ченгду, Кина
  • Гуџарат, Индија
  • Дананг, Виетнам
  • Фулиду, Малдиви

Lonely Planet наведува дека изборот е направен врз основа на искуствата и препораките на неговите автори, уредници и глобалната туристичка заедница, со акцент на дестинации кои нудат нешто поинакво од традиционалните масовни туристички рути.

Изданието „Best in Travel 2027“, објавено во септември, содржи вкупно 25 дестинации и 25 посебни патувачки искуства.