Скопје добива нов превоз: Градскиот воз тргна од Зелениково
Актуелно

Скопје добива нов превоз: Градскиот воз тргна од Зелениково

01. 09. 2026.

Градскиот воз денеска официјално започна да сообраќа на првата од трите планирани линии, нудејќи им на граѓаните нова можност за побрз и поефикасен јавен превоз.

Првата линија ја поврзува релацијата Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче – Нова железничка станица Скопје, а ќе сообраќаат три возови според возен ред подготвен од МЖ Транспорт.

За реализација на проектот е реконструирана железничката пруга на оваа релација, со цел подобра безбедност и побрзо одвивање на сообраќајот.

„Градски воз“ е дел од стратегијата за подобрување на јавниот превоз во Скопје. Целта е жителите од приградските населени места побрзо и полесно да стигнуваат до центарот на градот, со помалку чекање и пониски трошоци.

Новата линија ќе биде интегрирана со возниот ред на ЈСП Скопје, а во подготовка се и уште две линии – кон Бутел, Скопје-Север и Ѓорче Петров, како и кон Автокоманда, Маџари и Илинден.

Официјалната промоција на проектот е закажана за утре, кога делегација симболично ќе патува со воз од Зелениково до Новата железничка станица во Скопје.