Бројот на паркинг места на Клиничкиот центар во Скопје ќе се удвои, а ќе биде воведен и нов систем со четири различни ценовни категории за паркирање. Паркингот ќе биде целосно дигитализиран и покриен со камери кои ќе снимаат 24 часа дневно.
Јавното претпријатие „Градски паркинг“, кое досега управуваше со просторот, ќе продолжи да го раководи паркингот, а системот ќе овозможи следење на возилата од влезот до излезот.
Во моментов, цената за еден час паркирање изнесува 30 денари, но во иднина ќе има четири различни цени:
- Бесплатен влез за онколошки пациенти;
- Поевтин влез за пациенти со упат;
- Специјална цена за вработените на Клиничкиот центар;
- Највисока цена за граѓани кои паркираат по други причини.
Покрај тоа, ќе бидат отворени дополнителни влезови, меѓу кои и еден од горниот дел на Клиниката за кардиологија. Оптимизацијата на просторот, според архитектите, ќе овозможи двојно поголем капацитет на паркингот. Доколку овие места не бидат доволни, како трета фаза се планира изградба на катна гаража.
Начинот на плаќање допрва ќе биде дефиниран, но системот ќе биде под целосен видео надзор, што ќе ја зголеми безбедноста и контролата.
Прашањето што останува е дали новиот систем и ценовната политика ќе го намалат хаосот и гужвите кај паркингот на Клиничкиот центар или пак ќе создадат дополнителни предизвици за корисниците?
