Според официјалните податоци, ова зголемување има за цел да придонесе кон порамномерна распределба на приходите и намалување на стапката на сиромаштија, имајќи предвид дека пензионерите се една од најранливите категории граѓани.
Пред започнувањето на оваа интервенција, околу 150 илјади пензионери имале пензии во износ од 10 до 12 илјади денари. По примената на линеарното зголемување, нивните примања се движат меѓу 17 и 19 илјади денари. Вкупниот број на пензионери во државата изнесува околу 330 илјади.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат и позитивни поместувања кај социјалните индикатори. Стапката на сиромаштија во 2024 година изнесува 21,9%, што е намалување во однос на 22,2% во 2023 година и 23% во 2021 година. Истовремено, регистрирано е и подобрување кај показателите за распределба на доходите.
