Мајсторите ретки, цените високи: варосување по „европски“ тарифи
Актуелно

Мајсторите ретки, цените високи: варосување по „европски“ тарифи

25. 03. 2026.

Варосувањето на станот одамна престана да биде „мал трошок пред Велигден“. Сега личи на мини инвестиција. Или, како што велат некои сопственици: летување без море. За стан од 50 квадрати, цената се движи околу 500 евра. Некој ќе рече: тамам за Грција, десет дена. Наместо плажа, четка и валјак.

Пазарот за кречење последниве години тивко, но сигурно отиде нагоре. Не експлодираше одеднаш, туку полека. Капка по капка. Денес, мајсторите не доаѓаат за ситни пари. И не доаѓаат веднаш. Се чека. Понекогаш со недели.

Причините? Повеќе од очигледни, ама никој не ги кажува гласно. Едни велат – нема мајстори. Други додаваат – има, ама се надвор. Германија, Италија, Словенија. Таму истата работа носи трипати повеќе. Тие што останале, сега си ја диктираат цената. И ја диктираат без многу преговарање.

„За под 8 до 10 евра по квадрат не се исплати ни да станеш од кревет“, велат познавачи на пазарот.

Во тие пари, обично не влегува ништо повеќе од основно варосување. Ако сакаш глетување, поправки на ѕидови, боење во повеќе нијанси, декоративни техники… цената оди нагоре. Брзо.

А материјалите? И тие си го прават своето. Боите поскапеа, лепилата исто, алатите не се веќе евтини како порано. Ако некогаш со 100 евра можеше да се помине солидно за материјал, денес тоа е речиси двојно повеќе. А кога мајсторот доаѓа со свој материјал, логично – го пресметува во цената.

Има и друга страна. Сопствениците. Луѓе што сакаат да освежат стан, ама кога ќе ја слушнат цената – се двоумат. Некои се фаќаат сами за работа. Купуваат боја, валјаци, ленти. Почнуваат ентузијастички. Завршуваат со болки во грбот и дамки насекаде. И на крај, пак викаат мајстор.

„Не е само да земеш валјак и да маваш по ѕид“, велат искусни мајстори. „Ако ѕидот не е спремен, бојата ќе изгледа лошо, колку и да е скапа“.

Тука влегуваат искуството и техниката. И затоа, велат, цената не е случајна.

Во меѓувреме, расте и побарувачката. Нови станови, реновирања, краткорочни изнајмувања. Секој сака свежи ѕидови, бело, чисто, „како ново“. Особено пред празници. Тогаш телефоните на мајсторите не престануваат да ѕвонат.

Некои од нив веќе одбиваат работа. Не затоа што не сакаат, туку затоа што не можат да стигнат. Работат по цели денови, од рано утро до доцна попладне. И пак не е доволно.

Интересно е што цените не се исти насекаде. Во помалите градови се пониски, но и таму растат. Скопје, како и обично, предничи. Таму квадратот е најскап, ама и најбрзо се наоѓа работа. Круг што сам се одржува.

Ако се погледне пошироко, кречењето станува уште еден пример како обичните, секојдневни работи полека стануваат луксуз. Не буквален, ама доволно скап за да се размисли двапати. Да се одложи. Или да се направи на рати.

И така, пред секоја пролет, истата дилема. Да се освежи домот или да се зачуваат парите за нешто друго. Некои ќе изберат нов слој боја. Други ќе изберат патување. А има и такви што ќе направат компромис – ќе варосуваат сами, па ако остане нешто… можеби и ќе стигнат до море.

Само што, како што велат некои со насмевка, по вакво „летување“ дома, одмор ти треба уште еднаш.